Вести|

13 март 2025, Скопје – Справувањето со здравствените и економските последици од употребата на тутунот е навистина голем предизвик за сите земји од регионот, вклучително и во мојата земја, во која има поразителни статистики во однос на процентот на корисници на тутун, бројот на загубени животи како последица од оваа зависност, како и во однос на штетите на годишно ниво кои се изразени во милијарди денари. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на состанокот на високо ниво, посветен на елминирање на штетните влијанија од употребата на тутун, што се одржува во Подгорица во организација на Министерството за финансии на Црна Гора, а во соработка со Светската здравствена организација.

„Спроведените студии даваат фрапантни податоци за конзумирањето тутун. Мојата земја, за жал, е четврта земја во светот по потрошувачка на цигари. Половина или околу 45 проценти од возрасното население користи тутун. Последиците се уште попоразителни со околу 5000 смртни случаи годишно и трошоци од 38 милијарди денари на годишно ниво. Ова покажува дека е потребна итна акција“, порача министерката за финансии.

Таа се осврна на досегашните мерки што ги има преземено РС Македонија во насока на ставање под контрола на употребата на тутунот, истакнувајќи ги воведените акцизи на тутунот и тутунските производи и нивното постепено зголемување, потоа новиот Закон за акцизи, забраната за пушење во јавните објекти, како и повеќе мерки и активности во делот на Царинската управа, а со цел сузбивање на црниот пазар со тутун и тутунски производи.

„Преку Министерството за здравство имаме активна соработка со Светската здравствена организација во областа на контролата на тутунот како дел од двегодишниот Договор за соработка, кој е фокусиран на конкретни активности. Се преземаат и мерки согласно Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи кон Рамковната конвенција за контрола на тутунот“, наведе министерката и додаде дека имплементацијата на предвидените мерки треба да ја намалат преваленцијата на пушење на 18%.

Оцени дека станува збор за сеопфатен сет алатки за борба против нелегалната трговија, воспоставување глобален систем за следење на движењето на тутунските производи, мерки за унапредување на меѓународната соработка и имплементирање санкции и мерки за спроведување на законите, а со цел борба против црниот пазар на тутунски производи, кој игра клучна улога во поткопувањето на политиките за контрола на тутунот и јавното здравје.

Притоа, сподели податоци дека во текот на 2024 година биле откриени десет случаи на нелегална трговија на 1335 килограми тутун, педесет случаи во кои биле запленети 300 илјади парчиња цигари, три случаи на недозволена трговија со електронски цигари и патронии по еден случај со пури и СНУС.

На состанокот во Подгорица учестуваат министри и заменици министри за финансии на земјите од Западен Балкан, како и претставници од Светската здравствена организација и Eвропската комисија, Обединетото Кралство, Словенија, Светската банка, Светската царинска организација, Организацијата за економска соработка и развој и претставници на академската заедница.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *