13 март 2025, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во Подгорица на министерски состанок за елиминирање на штетните влијанија од употребата на тутун, оствари средба со својот црногорски колега Новица Вуковиќ, којшто е и домаќин на состанокот.
На средбата двајцата соговорници се осврнаа на искористувањето на можностите за унапредување на економската соработка и за меѓусебна размена на искуства во делот на управувањето со јавните финансии, како и на можностите за соработка во процесот на евроинтеграција и за вклучување во заеднички проекти.
Исто така, во контекст на министерскиот состанок заклучија дека штетите врз Буџетот од недозволеното тргување со тутун се големи и дека е потребна многу поголема соработка и координација во сузбивањето на оваа појава.
Министерката посочи дека во рамки на Царинската управа се преземаат мерки за борба против нелегалната трговија со тутун и тутунски производи и дека во текот на 2024 година биле откриени и спречени 50 случаи на шверц со цигари. Најчесто, како што наведе, се криумчарат на излезот од државата, преку Меѓународниот аеродром Скопје кон западноевропските држави, а на влезот во државата се криумчарат цигари без акцизни маркички купени од фри-шоповите на граничните премини Богородица, Дојран и Меџитлија.
Министерката зема учество на министерски состанок во Подгорица, во организација на Министерството за финансии на Црна Гора, а во соработка со Секретаријатот за Рамковната конвенција на Светската здравствена организација за контрола на тутунот и Регионалната канцеларија на СЗО за Европа.