25 март 2025, Скопје – Управувањето со јавните финансии има клучна улога во поддршката на националниот развој, обезбедувањето стабилност и предвидливост во економијата. Затоа, како Министерство за финансии преземаме мерки за справување со предизвиците со кои се соочуваме во управувањето со јавните финансии. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски кој учествуваше на панел-дискусија на состанок на ПЕМПАЛ, организација посветена на реформи во управувањето со јавни финансии.
Тој најави дека во завршна фаза на подготовка е новата Програма за реформа на управувањето со јавни финансии 2025 – 2028 година во која се предвидени мерки и активности за сите клучни предизвици во управувањето со јавните финансии.
Програмата претставува стратешки документ за развој на системот за управување со јавните финансии со кој се продолжуваат претходно започнатите реформи. ПРУЈФ 2018 – 2021 година беше усвоена на крајот на 2017 годинаи со неа за првпат беше воспоставена сеопфатна, конзистентна и кредибилна рамка за подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка, фискална дисциплина, одржливост на долгот и ефикасно, транспарентно и модерно управување со јавните финансии, поставени како клучни цели на Владата.
„Фискалната политика на Владата е насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. Целта е преку соодветно управување со јавните финансии постепено да достигнеме раст на БДП од 5% и намалување на буџетскиот дефицит на ниво под 3% од БДП“, рече Јанкуловски.
Тој појасни дека Владата е насочена кон постепено намалување на буџетскиот дефицит на ниво под 3,0% од БДП и дека тоа е поврзано со планираните повисоки капитални инвестиции за инфраструктурни проекти, пред сѐ за изградба на транспортната и комуналната инфраструктура, инвестиции во енергетски капацитети и во образовната и здравствената инфраструктура.
Состанокот на ПЕМПАЛ којшто се одржува во Виена е посветен на новите трендови во управувањето со јавните финансии. Настаните и активностите што ги спроведува ПЕМПАЛ се одлична можност за размена на искуства и пронаоѓање практични решенија за предизвиците кои настануваат тековно во управувањето со јавните финансии. На состанокот присуствуваат повеќе од 200 учесници од околу 30 земји, вклучувајќи и претставници од дваесет и едната членка на ПЕМПАЛ. Присуствуваат министри за финансии, заменици министри за финансии, експерти, претставници на Светската банка и други.