Вести|

април 2025, Скопје – Царинската управа спроведе успешна акција за спречување обид за криумчарење злато во вредност од половина милион евра на Скопскиот аеродром. На денешната прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот на Царинската управа Бобан Николовски изјавија дека ова претставува дел од секојдневните дејствија на Царината, со што таа ја демонстрира својата посветеност во справувањето со криумчарење и шверц на секаков вид стока.

„Царинската управа демонстрира силна посветеност во справувањето со криминалот и криумчарењето. Покрај оваа акција, потврда за тоа се и податоците за рекорден број поднесени кривични пријави на месечно ниво, кои од ноември минатата година до март годинава се двоцифрени и се движат од 15 до 21 кривична пријава“, рече министерката.

Таа додаде дека токму ова се најавуваните промени и постапки кои покажуваат дека институциите, кога сакаат, имаат капацитет да одговорат на задачите согласно законските прописи.

„Тоа е вистинскиот пат по кој треба да се движиме и не смееме да подлегнеме под никакви притисоци во извршувањето на зададените задачи кои се поткрепени со законски прописи. Постои цврста волја кај целата Влада да го воспоставиме тој ред и да изградиме ефикасни и функционални институции, а со тоа и функционален систем, кој ќе одговори на потребите на граѓаните и бизнисот. Да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и дека можеме да се справиме со предизвиците и притоа да создадеме стабилни и подобри услови за живот во нашата држава“, рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката потенцира дека покрај борбата со криминалот Царинската управа постигнува позитивни резултати и во делот на наплатата на увозните давачки, кои од почетокот на годината бележат раст од 17% во споредба со истиот период минатата година.

Во врска со акцијата, Николовски информира дека царински службеници на Меѓународниот аеродром „Скопје“, спречиле обид за криумчарење златен накит во вредност од 479.555 евра од страна на двајца патници, брачна двојка, кои пристигнале со лет на редовната линија Виена – Скопје. Во акцијата, како што рече, еден од осомничените бил селектиран за детална царинска контрола при што било забележано дека двата куфера биле наполнети со празни кутии наменети за накит, а еден од куферите бил во сопственост на неговата сопруга. При претрес на рачниот багаж што го носела неговата сопруга била пронајдена поголема количина непријавен златен накит, а некои парчиња биле украсени со дијаманти и други скапоцени камења. Биле пронајдени 89 златни прстени со тежина од 599,2 грама во вредност од 203.169 евра, 17 златни белезици со вкупна тежина од 215,3 грама и вредност од 55.748 евра, 23 златни синџирчиња со тежина од 107 грама и вредност од 39.260 евра, 52 пара златни обетки со тежина од 238 грама во вредност од 97.258 евра, 10 златни белезици со вкупна тежина 68,3 грама во вредност од 19.300 евра и 18 златни синџирчиња со тежина од 483,3 грама во вредност од 64.820 евра или вкупно 209 парчиња златен накит со вкупна тежина 1 килограм и 711 грама.

Како што соопшти директорот Николовски, до Основното јавно обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава за две лица со белгиско државјанство за сторено кривично дело криумчарење, казниво по член 278 од Кривичниот законик.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *