Вести|

17 април 2025, Скопје – Макроекономска стабилност, предвидливо бизнис окружување, даночна политика која се заснова на рамен данок и партнерски однос на Владата со компаниите при реализација на нивните инвестициски проекти е пораката што ја прати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска до германски инвеститори на Генералното собрание на Македонско-германското стопанско здружение што се одржа во Скопје.

„Политиките што ги спроведуваме се насочени кон одржување на макроекономската стабилност. Нашите приоритети се дефинирани со Буџетот и со Фискалната стратегија и тие се однесуваат, меѓу другото, и на обновување на довербата во институциите преку зајакнување на безбедноста, ефикасна борба против корупцијата и криминалот, независност на правосудството и обезбедување владеење на правото; економско заживување на земјата преку унапредување на енергетската транзиција, поттикнување силен циклус на економски раст, стабилни јавни финансии, подобрување на севкупната транспортна инфраструктура, зголемување на животниот стандард, подобар и поквалитетен живот за секого; сеопфатно подобрување на квалитетот, инфраструктурата и достапноста во образованието, создавање општество базирано на знаење и успешно справување со современите предизвици и градење професионална и ефикасна јавна администрација, развој на дигиталната економија, ИКТ секторот, вештачката интелигенција, иновациите и стартап екосистем“, рече министерката и додаде дека напорите што ги вложува Владата се препознаени од странските инвеститори, па оттаму, во текот на минатата година биле реализирани рекордни 1,255 милијарди евра.

Таа посочи дека очекува ваквиот тренд да продолжи и во наредниот период и дека најдобрата порака што еден иден инвеститори може да ја добие во врска со инвестирање во една земја е пораката од инвеститорот кој веќе инвестирал таму.

Потенцира дека врвен приоритет на Владата се економијата и остварувањето повисоки стапки на економски раст и дека Германија има особено значење за нашата економија, како најзначаен трговски партнер. Реализираните странски директни инвестиции од оваа земја минатата година достигнаа над 200 милиони евра.

Пред германските компании порача дека Владата има идентичен пристап кон сите и дека гради партнерски однос и со домашните и со странските компании преку постојана комуникација со бизнис-заедницата и разменување мислења и искуства во однос на креирањето политики од заеднички интерес.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *