Вести|

29 април 2025,Скопје – Буџетот е во одлична кондиција. Фискалните параметри се следат на дневна основа и очекувањата се дека ќе се реализира планираниот економски раст од 3,7%.Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостување на ТВ 24.

„Буџетот е во одлична кондиција. Даночните приходи до 24 април 2025 година се за околу 30% во поголем обем во споредба со првиот квартал од минатата година. Вкупните приходи се за 12% поголеми од првиот кваратал лани“, рече заменик-министерот.

Тој додаде дека кондицијата на буџетот е многу важна и дека таа покажува каков ќе биде растот, односно дали ќе го реализираме она што е проектирано.

„И минатата година имавме прогнози од нашите пријатели од надвор, дел беа попесимистички, дел беа пооптимистички, дел беа поблиску до нашите, дел подалеку. Но сепак далеку од очекуваното постигнавме солиден економски раст. За разлика од она што го затекнавме и оној просечен раст од првата половина на годината  од 2,4% на крајот го доведовме до 3,2% во четвриот квартал. Со тоа темпо продолживме и во првиот квартал од 2025 година. Ги цениме размислувањата на  нашите партнери и во Светска банка и во Меѓународниот монетарен фонд, но и нашите партнери Народната банка, со коишто сме во постојана комуниакциија. Ги следиме фискалните параметри на дневно ниво,како  реализацијата на полнење на буџетот, кратење на непродуктивните трошења, странските инвестиции, поддршка на домашните инвестиции и сето тоа заокружено како се рефлектира врз економскиот раст на државата. Убеден сум дека растот од 3,7% како држава дека со напорна работа и ова темпо се надевам дека ќе го постигнеме зацртаниот раст од 3,7%“, наведе Јанкуловски.

Потенцира дека Буџетот за 2025 година има вистинска развојна компонента.

„Во делот на капитални расходи ги оставивме само вистинските инвестиции коишто значат работа на терен, а ги тргнавме оние трансфери до ЕСМ, трансфери до јавни претпријатија, исплати на активирани гаранции што претходно биле вклучени се на куп со цел да се прикаже некоја лажна реализаицја на капитални расходи. Она што сме го испланирале го релизиралме преку конкретни проекти. И онаа бројка која ја прикажуваме се гледа колку точно сме исплатиле. Она што  реално ќе го инвестираме со парите на граѓаните ќе се види“, рече заменик-министерот и додаде дека реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал е реализација на инфраструктурни проекти каде што има активности на терен, а доколку на тоа се додадат и исплатените гаранции, како што тоа беше случај минатата година, тогаш реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал оваа година ќе беше поголема.

Според заменик-министерот Владата има агенда за реализација на проектите и очекува поголема реализација во вториот и третиот квартал од годината. Напомена дека се користат средствата од унгарскиот заем и од страна на компаниите и од страна на општините и дека тоа ќе има импакт врз економскиот раст.

„Од 288 проекти кај општините за 251 има склучено договори и ќе почнат со градежна офанзива. Од тие 251, околу 230 се во патна инфаструктура што сигурно ќе го поттикне економскиот раст. Кон компаниите од буџетот кон Развојната банка а оттаму кон банките и компаниите се исплатени 2 транши во износ од 84,4 милиони евра. Се очекува да се пушти третата транша. Тоа ќе биде искористено за поддршка на развојот на компаниите и индиректно ќе придонесат во економскиот раст. Дополнителен буџет ќе биде и најавениот инвестициски циклус од 6 милијарди евра“, потенцира Јанкуловски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *