29 април 2025, Скопје – Буџетот е во одлична кондиција. Фискалните параметри се следат на дневна основа и очекувањата се дека планираниот економски раст од 3,7% ќе биде реализиран. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостувањето на ТВ 24.
„Буџетот е во одлична кондиција. До 24 април 2025 година, даночните приходи се повисоки за околу 30% во споредба со првиот квартал минатата година. Вкупните приходи, пак, се повисоки за 12% споредено со првиот кваратал лани“, рече заменик-министерот.
Тој додаде дека кондицијата на Буџетот е многу важна и дека таа покажува каков ќе биде растот, односно дали ќе го реализираме она што е проектирано.
„И минатата година имавме прогнози од нашите пријатели однадвор – дел беа попесимистички, дел беа пооптимистички, дел беа поблиску до нашите, а дел подалеку. Но, сепак, ние постигнавме солиден економски раст. За разлика од она што го затекнавме и оној просечен раст во првата половина на годината којшто изнесуваше 2,4%, на крајот, во четвртиот квартал, го доведовме до 3,2%. Со тоа темпо продолживме и во првиот квартал од 2025 година. Ги цениме размислувањата на нашите партнери – Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, но и на нашиот партнер – Народната банка, со коишто сме во постојана комуникација. Ги следиме фискалните параметри на дневно ниво, како што се реализацијата на полнење на Буџетот, кратење на непродуктивните трошења, странските инвестиции, поддршката на домашните инвестиции и сето тоа заокружено како се рефлектира врз економскиот раст на државата. Убеден сум дека со напорна работа и вакво темпо ќе го постигнеме зацртаниот раст од 3,7%“, наведе Јанкуловски.
Потенцира дека Буџетот за 2025 година има вистинска развојна компонента.
„Во делот на капиталните расходи ги оставивме само вистинските инвестиции кои значат работа на терен, а ги тргнавме оние трансфери до ЕСМ, трансфери до јавни претпријатија, исплати на активирани гаранции, кои претходно биле вклучени со цел да се прикаже некоја лажна реализација на капитални расходи. Она што сме го испланирале го реализираме преку конкретни проекти. И онаа бројка што ја прикажуваме всушност покажува колку точно сме исплатиле. Она што реално ќе го инвестираме со парите на граѓаните, ќе се види“, рече заменик-министерот и додаде дека реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал е всушност реализација на инфраструктурни проекти каде што има активности на терен, а доколку на тоа се додадат и исплатените гаранции, како што беше случај минатата година, тогаш реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал оваа година ќе беше поголема.
Според заменик-министерот Владата има агенда за реализација на проектите и очекува поголема реализација во вториот и третиот квартал од годината. Напомена дека средствата од унгарскиот заем се користат и од страна на компаниите и од страна на општините и дека тоа ќе има импакт врз економскиот раст.
„Од 288 проекти на општините за 251 веќе се склучени договори и тие ќе почнат со градежна офанзива. Од тие, пак, 251, околу 230 проекти се во патната инфаструктура што сигурно ќе го поттикне економскиот раст. Исто така, од Буџетот кон Развојната банка, а оттаму кон банките и компаниите како крајни корисници се исплатени 2 транши во износ од 84,4 милиони евра. Се очекува да се пушти и третата транша. Тие средства ќе бидат искористени за поддршка на развојот на компаниите што, пак, индиректно ќе придонесе за економскиот раст. Дополнителен бустер ќе биде и најавениот инвестициски циклус од 6 милијарди евра“, потенцира Јанкуловски.