Вести|

6 мај 2025, Скопје – Интензивна соработка помеѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал е договорена на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која присуствуваа и директорите на УЈП Елена Петрова и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.

Даночните управи, како што е договорено на состанокот во Министерството за финансии на Турција, ќе работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници кои може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.

Министерката потенцира дека Управата за јавни приходи игра значајна улога во прибирањето на приходите во Буџетот и дека сите активности и мерки што се преземаат, а се насочени кон зголемување на ефикасноста во прибирањето на даночните приходи и примената на меѓународните искуства, се многу значајни.

Во таа насока е утврдена и потребата од идна соработка помеѓу Управата за финансиска полиција и Одделот за истраги на финансиски криминал преку споделување знаења и искуства за добри практики. Воедно, беше потенцирана и важноста на брзата и ефикасна размена на податоци и информации, како и градењето на институционалните капацитети преку размена на знаења и искуства.

Двајцата министри разменија мислења во однос на актуелните состојби на глобално ниво и мерките што се преземаат за справување со предизвиците.

Во рамки на работната посета на Турција, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера оствари средба со министерот Омер Болат во Министерството за трговија, а утре ќе учествува на Евроазискиот економски форум. Во составот на делегацијата којашто ја предводи министерката се државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, шефот на кабинет и посебен советник во МФ Катерина Антовска, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *