7 мај 2025, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамки на работната посета на Турција, денеска имаше воведно обраќање на 28. Евроазиски економски самит организиран од Фондацијата „Мармара“, при штоистакна дека заедно, преку заеднички идеи, иницијативи и соработка можеме да ги надминеме предизвиците пред кои се исправени сите.
„Изминатите години, особено периодот на пандемијата на ковид-19 донесоа една нова реалност и предизвици со кои се соочивме и сѐ уште се соочуваме. Војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата, новите променети услови на финансиските пазари, актуелните политики со царините претставуваат неизвесности на глобален план, кои повеќе или помалку ги чувствуваме сите, а напорите и енергијата што ги вложуваме при справувањето со нив се различни. Некој плива по брановите полесно, некој потешко, но заедно можеме да направиме многу повеќе“, рече министерката.
Таа додаде дека она што се случува на глобално ниво, а особено во Европа, Македонија, како мала и отворена економија, го чувствува и на домашен терен и затоа политиките на Владата се насочени кон тоа на краток рок да се поддржи домашната економија со цел да се намали ударот од овие надворешни влијаниja и да се зголеми нејзината конкурентност.
Притоа, таа истакна дека со Турција негуваме пријателски односи и дека таа е наш голем поддржувач во спроведувањето на реформите кои ќе го забрзаат нашиот пат кон цврст просперитет.
Во рамки на Евроазискиот економски самит, министерката Димитриеска-Кочоска денеска ќе учествува и на панел-дискусија на тема „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“.
Темата на годинашниот Самит е „Похуман свет“, а на него присуствуваат евроазиски лидери кои зборуваат на актуелни теми поврзани со екологијата, економијата, енергијата, вештачката интелегенција, меѓународната соработка во здравствениот сектор и сл.