Вести|

13 мај 2025, Брисел – Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во Буџетот се дел од препораките за РС Македонија коишто се вклучени во заедничките заклучоци од годинашниот, 11-ти по ред, Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот, коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда така и со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии“, рече министерката.

Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена кон тоа да одговори на присутните неизвесности во глобалната и домашната економија. Притоа, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.

„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположлива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка која ќе овозможи креирање на регионални синџири на снабдување. Притоа, ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии – области коишто се во фокусот на реформската агенда на земјата.

Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет. Тие се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдувањето на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога при остварувањето напредок е спроведувањето на заедничките заклучоци, програмите на економски реформи и реформските агенди.

Дискусијата на годинашниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата од поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат својата конкурентност преку инвестиции и иновации.

На 11. Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, потоа претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *