14 мај 2025, Скопје – Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии спроведе нова обука на тема: „Закон за буџети – новите реформи“, којашто беше наменета за вработените во органите на државната управа коишто работат во организациските единици за финансиски прашања.
Преку презентации, практични примери и студии на случаи вработени од Секторот за буџети и фондови при Министерството за финансии ги претставија целите на Законот, новините коишто произлегуваат од него – со посебен акцент на фискалната стратегија и среднорочно планирање, како и предизвиците што се очекуваат при неговата имплементација.
Целта на обуката беше да се унапредат знаењата на учесниците и да се даде јасен преглед на тоа како новите законски одредби ќе придонесат за зголемена ефикасност, ефективност и транспарентност во управувањето со јавните финансии. Очекуваните резултати се подобро планирање, управување и извршување на јавните приходи и расходи, како и засилена фискална транспарентност и отчетност.
Министерството за финансии преку Академијата за јавни финансии продолжува со активнсоти за континуирана едукација на јавната администрација на воведување современи и иновативни пристапи во управувањето со јавните финансии, како и на развивање на култура на извонредност во јавниот сектор.