Вести|

19 мај 2025, Скопје – Фискалната консолидација останува приоритет на Владата и нема да отстапиме од она што е дефинирано со Фискалната стратегија. Кулминацијата ја достигнавме и сега ќе одиме кон намалување на јавниот долг. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во емисијата „360 Степени“, каде што, меѓу другото, зборуваше и за влијанието на реализацијата на новиот инвестициски план врз нивото на јавниот долг.

„Минатата година буџетскиот дефицит изнесуваше 4,4% од БДП, а оваа година е 4%. Јавниот долг во првиот квартал од 2025 година е најнизок во последните 5 години и првпат од 2018 година наваму бележи намалување во споредба со крајот на годината. Односно, од 2018 година наваму нема година, освен оваа, во која јавниот долг во првиот квартал бил помал отколку на крајот на годината“, рече министерката за финансии и додаде дека долгот во првиот квартал е намален за 36 милиони евра.

Потенцира дека има внимателен пристап во работењето и дека тоа ја покажува грижата кон Буџетот.

„Можев и јас да постапам како што се постапувало во претходниот период. Се задолжувале во првиот квартал за да бидат спокојни до крајот на годината, а потоа каматите ги плаќале граѓаните. Можев и јас да ја задолжам државата со 300-400 милиони евра и потоа да плаќаме камата од 7% секој месец. Но, прашањето е кој ќе одговра?! Оваа министерка нема да го дозволи тоа. А тоа го покажуваат и податоците“, рече министерката.

На крајот истакна дека задолжувањето е оправдано само ако има додадена вредност во економијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *