Вести|

19 мај 2025, Скопје – Новиот инвестициски циклус, кој ќе биде поддржан преку стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го носи во нашата земја проектнотo финансирање, со кое реализацијата на проектите ќе се одвива како во сите други европски земји. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во емисијата „360 Степени“, појаснувајќи дека станува збор за финансирање коешто се применувало и досега преку други меѓународни финансиски институции.

„Новиот инвестициски циклус всушност претставува проектно финансирање со што конечно се однесуваме како една европска држава. Поточно, имате конкретен проект, односно инвестиција за која знаеме колкав е периодот на изведба и во тој период не враќате ништо. Тоа е оној грејс период, по кој ќе следи периодот на отплата. Колкав ќе биде периодот на отплата ќе покаже физибилити студија, која ќе покаже и кој би бил приходот од проектот“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека Владата не оди во оптимистичка варијанта за реализација на сите 6 милијарди евра одеднаш, бидејќи за тоа се потребни зрели проекти кои можат да се реализираат. Во моментот станува збор за проекти во железничката инфраструктура и здравството.

За изворите на финансирање посочи дека тие ќе бидат комбинирани. Дел од средствата ќе бидат од британската Влада, а ќе се влечат постепено, согласно реализацијата на проектите.

„Авансно плаќање нема да има. Првата фактура ќе треба да се плати во 2027 година. Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет години, колку што трае еден циклус, ќе ги влечеме во согласност со тоа како се одвива реализацијата, а потоа така и ќе плаќаме. Така беше првично најавено, односно дека ќе имаме грејс период, период на изведба и период на отплата“, наведе министерката.

Таа потенцира дека ова финансирање е различно од издавањето еврообврзница.

„Издавањето еврообврзница не значи проектно финансирање. Кога имате огромни проекти коишто ќе значат додадена вредност за идните генерации, тој трошок треба и да го споделите со идните генерации. Не можете да го носите целиот товар. Така на пример, во 2023 година имаше најголемо префрлање средства кон Бехтел и Енка за проектот на коридорите 8 и 10д, во износ од 14,5 милијарди денари или 230 милиони евра. Истата година беше издадена и еврообрзница со која беше финансиран овој проект, а каматата за неа изнесуваше 7%. Дали е тоа во ред? Ние сметаме дека треба да одиме со проектно финансирање, кое ќе биде со пониска камата од овие 7%, а кое ќе подарзбира најпрвин да инвестираме, да не плаќаме и да не вршиме отплата“, објасни Димитриеска-Кочоска.

Во однос на влијанието врз јавниот долг, рече дека кога се инвестира во исто време има и раст на БДП.

„Не можеме да очекуваме да имаме задолжување, а да немаме раст на БДП и да имаме лоши проценти или зголемен јавен долг. Тоа можеше во минатото, кога парите се трошеа непродуктивно и кога се правеа најразлични трансфери кон одредени јавни претпријатија и акционерски друштва“, рече министерката.

Таа посочи дека првиот циклус од ова проектно финансирање подразбира околу 5 години реализација и 2 до 2,2 милијарди евра или годишно по околу 400 милиони евра, средства кои нема да имаат влијание само врз долгот, туку ќе придонесат и за растот на економијата затоа што за реализација на проектите ќе бидат ангажирани македонски компании.

Дополнително, наведе дека дел од проектите што ќе се финансираат во првиот циклус, односно проекти од областа на здравството, се веќе буџетирани и дека нивната реализација нема да има влијание врз долгот.

Во однос на конкретните услови, министерката рече дека преговорите сѐ уште траат и тие ќе бидат познати по потпишувањето на Меморандумот за разбирање. Целиот процес ќе биде транспарентен, ќе обезбеди конкурентност и целосно почитување на Законот за јавни набавки.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *