20 мај 2025, Скопје – Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е договорена рамка од 6 милијарди евра од кои земјата ќе влече средства согласно реализацијата на проектите, а каматата по која ќе се одобрат, која е во фаза на преговарање, ќе биде на ниво како и кај договорите што ги имаме со другите меѓународни институции. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју на Радио Лидер.
„Кога се договараат одредени инвестиции, најпрвин треба да се утврди рамка, којашто во случајов изнесува 6 милијарди евра, но тоа не значи дека тие средства ќе бидат целосно искористени сега и веднаш. Треба нешто да се направи за да се повлечат средствата, а задолжувањето започнува во оној момент кога ќе почне да се плаќа“, рече министерката за финансии и додаде дека неоправдано е да се повлечат средства и потоа тие да стојат неискористени.
Додаде дека каматната стапка сѐ уште се преговара, но смета дека таа сигурно ќе биде пониска од оние 7% коишто државата ги плаќа на „Бехтел и Енка“ за реализација на проектот на коридорите 8 и 10д.
„Финансирањето инфраструктурни проекти со камати од 5%, од 7% е пропаст за Буџетот. Во овој случај, каматата ќе биде на она ниво што го добиваме и од другите меѓународни институции со кои соработуваме, како што се Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и сл.“, истакна министерката.
Повтори дека првото плаќање, како што беше соопштено од страна на премиерот и потпретседателот на Владата, би било во 2027 година.
„Немам детали околу проектот, но можам да кажам дека фактура ќе дојде кога нешто ќе биде реализирано. Тоа значи дека прво ќе се реализираат одредени работи, а потоа ќе се плати“, наведе Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, интересот на британската Влада за потпишување на овој договор е ист како интересот на другите меѓународни институции со кои имаме слична соработка, но дека најважно е тоа што тие имаат доверба во Владата. Притоа, потенцира дека не може да навлезе во она што се разговара детално, затоа што Договорот е во рамки на Министерството за транспорт и врски, а самата може да зборува од аспект на економист.
Истакна дека се очекува позитивно влијание од проектот врз растот и висината на јавниот долг. Воедно, сподели дека во наредниот период се очекува намалување на јавниот долг, помало задолжување и момент кога ќе се влезе во суфицит со цел да може да се враќаат долговите.
Во однос на средствата обезбедени од унгарскиот заем наменети за поддршка на приватниот сектор, односно на компаниите, рече дека транспарентно се објавени условите под кои им се одобруваат средствата на крајните корисниците. Посочи дека има услови под кои Развојната банка ги пласира средствата кон комерцијалните банки, а тие ги одобруваат, ги процесираат и ризикот е кај нив.