Вести|

3 јуни 2025, Скопје – Сите буџетски корисници и јавни субјекти, како јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, вклучително и општините имаат обврска да ги доставуваат до Министерството за финансии своите иницијативи за реализација на јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност од 5 милиони евра па нагоре, а потоа Министерството ќе прави независен преглед и проверка на прединвестициските студии. Ова е предвидено со новата Уредба за управување со јавни инвестиции, чија цел е подобрување на процесот на подготовка на инфраструктурните проекти, а со тоа и нивната зрелост за финансирање и реализација.

Согласно пропишаната Уредба, постапката се однесува на инфраструктурни проекти со проценета вредност од 5 милиони евра, односно ќе се врши процена на проектите во износ од 5 милиони евра па нагоре. Процената ја врши посебен Сектор за управување со јавни инвестиции, којшто е формиран во рамките на Министерството за финансии. Неговата улога е да изврши независен преглед и проверка на прединвестициските студии, да ја следи реализацијата на портфолиото на јавни инфраструктурни проекти на централно ниво за буџетските коирсници и да ја известува Владата.

Предлагачите на проектите ќе имаат обврска да подготват проектна идеја – концепт на проектот, а потоа и физибилити студија за предлог-проектот, а Министерството за финансии, односно Секторот за управување со јавни инвестиции ќе направи проверка и оценка на комплетноста и квалитетот на доставените студии, од аспект на фискалното влијание, ризиците и одржливоста. Понатаму, за одредување на проектите кои ќе бидат приоритетни за финансирање, Владата ќе формира меѓуресорска работна група/комитет, која ќе врши рангирање на предлог-проектите на централно ниво, а конечната приоритетна листа ќе ја одобри Владата согласно нејзините цели и приоритети.

Целта е да се воспостави структуриран и сеопфатен пристап за донесување одлуки за приоритетностa на предложените проекти за јавни инвестиции, што е во насока на подобрување на процесот на подготовка на инфраструктурните проекти, но и во фазите потоа, односно нивно финансирање и реализација. Очекувањата се дека на ваков начин ќе се подобри ефикасноста во реализацијата на капиталните проекти, особено затоа што ќе се намали можноста за доцнење во реализацијата поради непостоење претходна документација за изводливоста на предлог-проектот (физибилити студија) и несоодветна процена на ризиците на проектот. Овој пристап е општоприфатен како добра практика која се применува од страна на меѓународните финансиски институции и земјите кои добро управуваат со јавните инвестиции.

 

„Со ова го менуваме начинот на кој ќе ги носиме одлуките за инвестирање, затоа што во минатото имавме ситуации кога се почнувале проекти и не се завршувале со години. Тоа, пак, се случувало затоа што проектите не биле доволно зрели да започнат. Се почнувале постапките и останувале заглавени. Не сакаме тоа да се повторува. На Уредбата работеше и претходниот министер (состав), а ние извршивме притисок да се заврши што побрзо за да можеме таа обврска да ја наметнеме на институциите и тие да почнат да го почитуваат тој процес“, рече министерката за финансии на прес-конференцијата што се одржа во Владата.

Станува збор за активност што е дел од реформата во јавните финансии и произлегува од новиот Закон за буџети, кој е основа за воспоставување нов ефикасен систем на управување со јавните финансии. Истовремено, таа е дел од нашата реформска агенда за Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан и клучен реформски приоритет во Патоказот за реформа на јавната администрација во процесот на пристапните преговори со ЕУ и Економскиот и финансиски дијалог со ЕУ.

Во следниот период, Министерството за финансии ќе спроведе обуки за вработените во јавниот сектор кои работат на подготовка и дефинирање, процена, спроведување и следење на големи инфраструктурни проекти, а со цел градење на нивните капацитети за поефикасно и поефективно управување со јавните инвестиции.

Првата листа на проекти, согласно новиот систем, треба да биде подготвена до октомври 2025 година и да се применува со Буџетот за 2026 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *