4 мај 2020, Скопје – Околу 7.000 компании досега аплицирале за владините мерки, истакна денеска на прес-конференција министерката за финансии, Нина Ангеловска. Најголем интерес има за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за која аплицирале околу 5000 компании досега, а исто така има интерес и за бескаматните кредити на Развојната банка, како и за ослободување од исплата на аконтации за данок на добивка.
Согласно податоците на Управата за јавни приходи, тие велат дека веќе над 1000 субјекти, компании и вршители на дејност ја искористиле мерката за ослободување од аконтации и тоа над 680 компании аплицирале за ослободување аконтации од данок на добивка и околу 380 самостојни вршители на дејност за ослободување од аконтации од данок на личен доход.
– Понатаму, оние бескаматни кредитни линии што беа лансирани, првата линија скоро се искористи, со што над 630 компании или точно 631 компанија, коишто вработуваат 5600 вработени, добија одобрени бескаматни кредити, во износ од 4,7 милиони евра. Оваа линија имаше навистина голем интерес, па веќе втората линија од 8 милиони евра беше пуштена на 29 април и за истата само на 29 април веќе имаше доставени 600 апликации од компании – рече Ангеловска.
Таа посочи дека за најобемната мерка во износ од 100-120 милиони евра за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, за која аплицирањето беше пуштено во петокот, заклучно со денеска утрово, има поднесено над 5000 апликации од компании, за само два дена во тек на викендот. Од нив, 4000 апликации се веќе обработени и одобрени.
– Сметам дека ова е еден навистина значаен пакет-мерки којшто беше лансиран, значи користењето на оваа најобемна мерка, што се однесува за сите, којашто треба да им помогне и ликвидносно да ги заштити работните места, и допрва очекуваме да заврши процесот на апликации, апликантите да имаат пополнети мпин обрасци, да кажеме за колку вработени се однесува, и веќе од 10 мај да почнат исплатите, односно да се исплаќа финансиската поддршка кон фирмите. Ако сѐ ова го имаме предвид, можеме да кажеме дека веќе околу 7000 компании ги користат или ќе ги користат, или аплицирале за мерките од првиот и вториот сет економски мерки што веќе беа претставени – рече Ангеловска.