Скопје, 18 април 2020 – Министерката за финансии, Нина Ангеловска, информираше дека од почетокот на годинава до 15 април, односно во првата половина од месецот повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен за 20 проценти или за 20 милиони евра повеќе.
– Само во првата половина на април е зголемен повратот на ДДВ за 65 проценти во однос на истиот период минатата година, рече Ангеловска на прес-конференција на која беше соопштено дека се исплатени субвенциите за тутунот за 2019 година.
Ангеловска исто така информираше и дека МФ и Народната банка и банките веќе се подготвуваат за исплата на пезниите кои опфаќаат 20 пати поголем број граѓани отколку исплатата на субвенциите на тутунот, што беше најавено денеска.
– Оваа поголема исплата е планирана за последната недела од април и исто така ќе се систематизира и дисперзира за да не се создаваат толпи и да не се загрозува здравјето на граѓаните. Ќе посочам дека ваквото организирање е неопходно и воедно добар пример дека ако пристапиме системски и координирано кон ситуацијата можеме да најдеме соодветни решенија коишто ќе го земат предвид, пред сѐ, здравјето на граѓаните. Најважно е да го заштитиме здравјето и да се избегнат ризиците, најави Ангеловска. (МИА)