Скопје, 18 август 2015 (МИА) – Со реконструкција на улицата „Прашка“ денес започна реализацијата на проектот за рехабилитација на улици и атмосферска канализација на територијата на општина Карпош.

За реализација на проектот ќе бидат потрошени околу 35 милиони денари, средства обезбедени од Светска банка преку Министерството за финансии.

– Средствата се обезбедени под поволни услови, со рок на отплата од 13 години, грејс период од 3 години и поволна каматна стапка од околу 0,6 проценти. Се работи за проект којшто ќе реши прашање за атмосферска канализација и реконструкција на улици за околу 3,5 илјади жители на општина Карпош, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, го означи почетокот на градежните активности.
Ставрески посочи дека се работи за улици кои се изградени пред 40 години и оттогаш не се реконструирани или немало атмосферска канализација.

– Иако се работи за исклучително урбана градска средина каде голем дел од комуналните прашања се претходно решени, сепак, има места каде треба да се направи нешто дополнително. Врз база на контактите со граѓаните и барањето на општината, Министерството за финансии помогна да се обезбедат средствата за овој проект, рече Ставрески.

Градоначалникот Јакимовски очекува градежните работи да завршат за околу шест месеци по што граѓаните од оваа општина повеќе нема да имаат проблем со атмосферската канализација.  

– На улицата „Прашка“ ќе биде реконструиран коловозот, тротоарите и уличното осветлување. Во исто време ќе се реконструира и атмосферската канализација на улиците „Анкарска“, „Алжирска“, „Багдатска“, „Борка Талевски“, како и на улицата „Влае“, „Франц Прешерн“ и „Корушка“, што значи дека овие делови од општината ќе бидат ставени под контрола и граѓаните во следниот период нема да имаат проблеми со мешање на атмосферската и фекалната канализација, рече Јакимовски.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.