Скопје, 23 октомври 2012 (МИА) – Македонија е рангирана на високата 23. позиција од вкупно 185 земји во најновиот извештај „Дуинг бизнис“ за 2013 година што синоќа го објави Светска банка.

 

Како што соопшти денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, согласно извештајот Македонија останува лидер за водење бизнис во регионот и е на петто место во светски рамки според вкупните реформи од 2005 до 2012 година.

 

– Извештајот на Светска банка покажува дека Македонија е во групата земји далеку економски поразвиени од неа. Германија е на 20. место, а Јапонија е зад нас на 24-тото. Оттука е евидентно дека сме ги достигнале нивните стандарди, изјави Ставрески.

 

Владата, додаде, е задоволна од постигнатиот резултат што го регистрира Светска банка, особено ако се земе предвид дека е констатиран напредок во однос на реформите и водењето на економските политики. Годинава според „Дуинг бизнис“ сме далеку пред Словенија, која е на 35. место, Црна Гора е 51-ва, Бугарија 66., Турција 71., Романија 72., Грција 78., Хрватска 84., Албанија 85., Србија 86., Косово 98., а Бих е на 126-то место.

 

Согласно Извештајот, Македонија бележи прогрес за 20 места во однос на приклучокот за електрична енергија, индикатор во кој лани бевме најлошо рангриани на 121-во место.

 

И кај останатите индикатори има поместувања за едно до две места нагоре или надолу што значи, посочи министерот, дека повеќе или помалку се задржани ланските позиции.

 

Ставрески напомена дека Владата спроведе неколку реформи и мерки и по датумот на затворањето на „Дуинг бизнис“, во делот на приклучокот за електрична енергија, и во однос на измените на законите за договорен залог, за даночна постапка, за административни такси,…. Сите тие ќе се рефлектираат во резултат следната година кога се очекува уште една потврда за доброто работење.

 

– Независно од забележаните подобрувања, има простор за натамошен напредок во секоја од спомнатите области, приклучокот за електрична енергија, добивањето на дозволите,… Владата уште утре ќе продолжи со работа, ќе ги анализира искуствата на земјите што се пред нас за да видиме каде нешто може да се подобри, да се имплементира тука, подвлече вицепремиерот и министер за финансии.

 

Одговорајќи на новинарско прашање, тој потенцира дека условите за водење бизнис оценети со Извештајот на Светска банка се релевантни и за домашните и за странските инвеститори. Но, постојат многу фактори кои влијаат на компаниите при нивното одлучување каде и дали да вложат, меѓу кои е и општиот економски амбиент.

 

– И во овие години на светска економска криза, инвеститорите се помалку склони да вложуваат. Ако се погледнат работите од тој аспект и ако се види колку инвестиции се реализирани во Македонија пред 2010-та, а колку само во периодот 2011-2012, јасно е дека има напредок. До пред 2-3 години кај нас имаше многу малку странски инвестиции. Овој период почна да работи Џонсон Мети, но стартуваа и инвестициите Кемет, Дрекслер & Маер,…, кои допрва ќе резултираат со зголемен извоз и подобрени производствени резултати, рече министерот Ставрески.

 

„Дуинг бизнис“ лани ја рангираше Македонија на 22-та позиција од вкупно 183 земји.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.