Скопје, 21 јули 2015 (МИА) – Владата ја исплати зголемената социјална и постојана парична помош за социјално ранливите категории за 10 проценти, како и зголемениот надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти. Зголемената социјална помош е исплатена пред десетина дена, а вчера се исплатени средствата за постојаната парична помош и за згрижувачките семејства. 

Ветувањето на Владата кон примателите на социјална помош и семејствата што згрижуваат деца без родители е исполнето, а поддршката ќе продолжи и во наредниот период. Ова го истакнаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на Дневниот центар за деца со церебрална парализа. 

 –  Вчера е извршена исплатата на зголемениот надомест за 25 проценти за семејства што згрижуваат деца без родители, која претходно изнесуваше од 6.000 до 8.000 денари, а сега ќе изнесува од 8.000 до 10.000 денари. Истовремено почнавме и со исплатата на зголемената социјална и постојана парична помош за 10 проценти на околу 35.000 корисници. Ветивме дека ќе ја зголемиме за 5 проценти, но најдовме можности во Буџетот да ја зголемиме на 10 проценти и верувам дека со тоа, колку толку, успеваме да им помогнеме на овие лица да имаат поголем надомест и помош и поддршка од државата, изјави Ставрески. 

Тој додаде дека Владата и понатаму ќе продолжи со поддршката на социјално ранливите категории во сите сфери и оти и наредната година ќе има ново зголемување на социјалната и постојаната парична помош. 

Потенцира дека Владата постојано води грижа и за останатите ранливи категории, при тоа потсети на поевтинувањето на лековите, обезбедувањето бесплатно здравство за лица без приходи, за пензионерите и слично. – Социјалната компонента е силно изразена во рамки на Буџетот и ние и со овогодишниот и со буџетите за наредните години ќе обезбедиме доволно средства за сите социјално ранливи категории, рече Ставрески. 

Според министерот Спасов, со исплатата на зголемената постојана парична помош и надоместокот за згрижувачките семејства Владата продолжува со реализација на ветените проекти, што претставува зголемување на социјалната заштита и социјалната сигурност, а воедно влијаат на намалување на социјалната исклученост на најранливите категории во Република Македонија. 

– Зголемувањето на социјалната помош е и дополнителна поддршка за најранливите материјално необезбедени работоспособни граѓани, а денес правиме дополнителен напор, односно ја исплаќаме зголемената постојана парична помош за материјално необезбедените работонеспособни граѓани, како и зголемувањето за 25 проценти на додатокот за згрижувачки семејства кои згрижуваат деца без родители и родителска грижа, деца со пречки во развојот и деца со воспитно социјални проблеми, рече Спасов.

МТСП, како што додаде Спасов, во соработка со Министерството за финансии и понатаму ќе продолжи да дава огромна поддршка на најранливите категории граѓани, на оние на кои им е потребна дополнителна финансиска поддршка, меѓутоа и за дополнителни капацитети за вонинституционална социјална заштита.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.