Вчера заврши рокот до кога потенцијалните доверители можеа да достават изјави за вклучување во проектот за еднократен отпис на долговите за најранливите категории граѓани. Јавниот повик наиде на исклучително голем интерес кај банките и фирмите.
До Министерството за финансии изјави за учество во проектот доставија:
– Стопанска банка Скопје
– Комерцијална банка
– Охридска банка
– НЛБ Тутунска банка Скопје
– Капитал банка АД Скопје
– Прокредит банка
– Уни банка
– Еуростандард банка
– Централна кооперативна банка
– Стопанска банка – Битола
– Халк банка
– Алфа банка
– ТТК банка
– Шпаркасе банка
– штедилница “Можности“
– штедилница “Фулм“
– Топлификација АД Скопје
– ЕВН Mакедонија АД Скопје
– ЕЛЕМ АД Скопје
– ЈРП МРТВ
Кон јавниот повик се приклучија и Нотарската Комора и Комората на извршители на Република Македонија.
Согласно Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а се неплатени подолго од 12 месеци.
Правото на еднократен отпис на долгови може да го искористат корисниците на социјална парична помош или на постојана парична помош, невработените лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт, инвалидитет или потешка болест.
Ќе се отпишуваат долгови по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.
Заедно со главниот долг ќе се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители. За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, Топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина од 10 отсто од отпишаниот долг.
Во следниот период ќе следи потпишување на договор меѓу Министерството за финансии и доверителите кои изразија интерес за учество, како и јавен повик до граѓаните опфатени со законот да се пријават за учество.
Министерството за финансии изразува задоволство од искажаниот интерес од страна на доверителите за вклучување во процесот на отпис на долговите на најранливите категории граѓани.