Струмица, 28 ноември 2012 (МИА) – Три населени места со 5.000 жители во општина Василево ќе добијат фекална канализација. Инвестицијата е 30 милиони денари, а почетокот на изградбата го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Василево Ванчо Стојановски.

 

Проектот предвидува изградба на главен колектор за Василево, Градашорци и Ангелци, фекален канализациски систем за Ангелци и пречистителна станица на реката Струмица кај населеното место Пиперево. Проектот треба да заврши за седум месеци, рече министерот Ставрески, додавајќи дека со негова реализација ќе се реши прашањето за одводнување на отпадните води кое во моментов се решава со септички јами.

 

Со изградбата на овој систем, додаде министерот, ќе се спречи загадувањето на почвата на подземните и површинските води кои се користат за наводнување.

Проектот се реализира со средства обезбедени преку заем од Европската инвестициска банка во износ од 50 милиони евра за кој е задолжена Владата, а парите од заемот им се доделуваат на општините во Македонија во вид на грантови.

 

Целта на проектот е да се подобрат условите и квалитетот на животот, особено во руралните краеви на Република Македонија. Проектот го имплементира Министерството за транспорт и врски.

 

Министерот Ставрески во општина Василево напомена и други проекти што се реализираат во општината, како што е водоводната мрежа во селото Чанаклија, индустриската зона во оваа општина која досега има вработено 200 лица, како и изградба на детска градинка во Василево.

 

– Преку соработката на централната и локалната власт целта ни е да создадеме услови за позабрзан локален економски развој и подобри услови за живот за жителите на оваа општина, рече Ставрески.

 

Општина Василево, како што рече министерот Јанакиески, е 19-та општина во земјава која користи средства од заемот од ЕИБ кој е во износ од 50 милиони евра. А почетокот на реализацијата на овој проект во Василево е доказ дека Владата заедно со Општината Василево ќе може да реализира голем број проекти.

Според градоначалникот Стојановски, со реализацијата на овој проект локалната власт продолжува со подобрување на условите за живот на населението и продолжува со реализација на ветеното.

 

Со овој проект ќе биде обезбеден и канализациски систем за индустриската зона во Василево

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.