30 јули 2018, Скопје – Министерството за финансии предлага нов Закон за акцизи, кој е усогласен со директивите на Европската унија. Предвидени се повеќе поволности, како што се пониски акцизи за малите произведувачи на алкохол.
Со новиот Закон за акцизи, малите дестилерии ќе плаќаат 50% од полната акциза по литар алкохол, а земјоделците – мали производители 8,5% од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол, акцизата останува иста.
Дополнително, со новиот Закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, како што е несогорливиот тутун, кои граѓаните не можеа да ги набават во нашата земја, па ги набавуваа од странство.
Понатаму, се предвидува акцизата за тутунските производи и алкохолните пијалаци да се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, со подигањето на акцизните марки.
Заради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот, овие производи стануваат акцизни добра со новиот закон, со тоа што нивната акциза се одредува на 0%. Ова значи дека нема да има промени во цената на овие производи поради новиот Закон за акцизи.