Премиерот Груевски и членовите на владината делегација Хонг Конг, НР Кина, се обратија на бизнис-форум за презентација на поволностите за отворање и водење бизнис во нашата земја.
Скопје, 3 јули 2014 (МИА) – Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација денеска во Хонг Конг, НР Кина, се обратија на бизнис-форум за презентација на поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори за отворање и водење бизнис во нашата земја.
Бизнис форумот се одржува во соработка со групацијата „Фајненшл тајмс“ и на него присуствуваа претставници од компании од областа на електрониката, инженерството, телекомуникациите, транспортот и логистиката и инвестициските фондови.
Како што информира владината прес-служба, премиерот Груевски ги претставил поволностите кои Македонија им ги овозможува на компаниите за реализација на бизнис, задржувајќи се на инвестициите во образованието кои обезбедуваат соодветна и добро едуцирана и способна работна сила, на најниските трошоци за водење бизнис, нискиот даночен пакет и поволностите кои се даваат во рамките на технолошко-индустриските развојни зони.
– Во првите десет години компаниите лоцирани во технолошко-индустриски развојни зони се ослободени од плаќање на персонален данок и на данок на добивка, без разлика дали профитот е распределен или не е распределен како дивиденда. Исто така, компаниите во зоните се ослободени од плаќање на данок на додадена вредност и царина за суровините кои ги увезуваат со намера за производство на добра кои се наменети за извоз, истакна Груевски во обраќањето пред присутните.
Презентираните реформи беа позитивно оценети од претставниците на хонгконшките компании. Особен интерес побуди нискиот даночен пакет кој нашата земја го овозможува за компаниите.
– Во Хонг Конг имаме низок данок во споредба со регионот, но кога го слушнавме ова дека во Македонија данокот на плата и данокот на добивка е само 10 проценти, тогаш тоа е апсолутно многу компетитивно, тоа е навистина атрактивен даночен пакет за привлекување странски инвеститори во вашата земја, изјави Рики Чау од компанијата „Левел гроуп“.
Вицепремиерот Зоран Ставрески имаше обраќање пред присутните во кое се осврна на поволните макроекономски индикатори, ниската инфлација, стабилниот девизен курс и растот на БДП во првиот квартал од годината.
– Презентација за поволностите кои Република Македонија им ги нуди на странските инвеститори овде во Хонг Конг е значајна затоа што Хонг Конг е финансиски центар на Азија, и затоа што овде доаѓа до пораст на трошоците за правење бизнис, па голем број на нивни компании кои сакаат да пласираат на европските пазари бараат нови дестинации од каде што можат да пласираат добра по пониски трошоци, а сето тоа го нуди и Македонија, изјави Ставрески по форумот.
Хонгконшките компании се заинтересираа за продлабочено анализирање на можностите кои ги нуди нашата земја, а некои од нив најавија и посета на нашата земја.
– Мислам дека со посета на Македонија ќе добијам повеќе информации за земјата, за народот, за географијата, и она што е најважно за економската ситуација, така што во иднина ќе ја посетам Македонија, изјави Џени Чу, генерален менаџер на „Ориентал Оверсис“.
Владината делегација својата посета на азиските земји ја продолжува со посета на градот Гвангжу, во регионот Гуангдонг, Народна Република Кина.