8 март 2019, Гургурница – Околу 200 ученици во с. Гургурница, општина Брвеница, добија ново училиште преку Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП) на Министерството за финансии, кој се реализира со поддршка на Светска банка и Европската унија.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, шефот на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар и претставникот на Светска банка Беким Имери денес го посетија основното училиште „Гоце Делчев“ во село Гургурница. Тие беа придружувани од министерот за образование и наука, Арбер Адеми, заменик-министерот за финансии Ширет Елези и градоначалникот на општина Брвеница, Енвер Пајазити.

Новото училиште е во вредност од 46 милиони денари. Преку проектот МСИП се обезбедени 45,5 милиони денари, од кои 16 милиони денари се грант средства од ЕУ преку ИПА фондовите, а останатите се заем по исклучително поволни услови – каматна стапка од 0,4%, со 13 години отплата и 3 години грејс период.

– Квалитетното образование е еден од основните предуслови за побрз и одржлив економски развој. За да се овозможи тоа потребни се и соодветни услови за учениците и за наставниот кадар. Ова училиште што е изградено со финансиска поддршка од ЕУ и Светска банка најдобро ги отсликува нашите заложби како Влада и во овој сегмент да ги достигнеме европските стандарди. Со тоа да овозможиме учениците да се подготват за наредните фази на своето образование и да ја одберат својата професија – рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Жбогар посочи дека со изградба на новото училиште значително се подобрени условите за настава за децата од Гургурница.

– Овој проект можеби е мал, но е од големо значење за учениците од Гургурница. Сега тие имаат училиште каде што кровот не прокиснува, ѕидовите не се студени за време на суровите планински зими, а тоалетите не се надвор од училиштето. На децата им е потребен соодветен простор каде што ќе ги поминуваат школските денови и ќе ги развијат својот потенцијал и самодоверба – рече евроамбасадорот Жбогар.

Претставникот на Светска банка, Беким Имери рече дека подобрувањето на училишната инфраструктура и на капацитетите на општините за обезбедување квалитетна средина за учење ќе помогне во подобрувањето на образовните резултати , што пак долгорочно ќе влијае на подобрувањето на човечкиот капитал во земјата.

Вкупната корисна површина на училиштето изнесува околу 840 метри квадратни, а покрај училниците и лабораторијата има и административни и придружни простории, како и санитарни јазли. Објектот е дизајниран врз основа на принципите за енергетска ефикасност и ги задоволува современите барања за работа: просториите се природно вентилирани и осветлени преку прозорци, скалите, односно комуникативниот простор е исто така природно вентилиран и осветлен преку прозорци.

Проектот МСИП им овозможува на општините кај нас да обезбедат поволни финансиски средства за капитални и инфраструктурни инвестиции. Проектот е финансиран со заеми од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и грант од Европската унија, кој се администрира од страна на Светска банка.

Вкупниот фонд на Проектот изнесува 81,1 милион евра. Со него досега се поддржани капитални општински проекти како водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветлување, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности (изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.).

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.