Ангелци, 11 декември 2014 (МИА) – Повеќенаменско игралиште, дел од владиниот Проект за изградба на 100 игралишта во Република Македонија, денес е пуштено во употреба во селото Ангелци, општина Василево.
Официјално во употреба го пуштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на општина Василево, Ванчо Стојанов.
Повеќенаменското игралиште (32-ро од вкупно 100 игралишта) се простира на површина од 1.340 метри квадратни, изградено по сите стандарди, а инвестицијата е 7 милиони денари од Владата преку Агенцијата за млади и спорт.
Вицепремиерот и министер за финансии потенцира дека ова е реализација на ветување од пред изборите.
– Се сеќавам на денот кога ги поставивме темелите и колку критики имаше дека се прави заради избори. Но, ние остануваме на ветувањето и ова е резултат кој ќе остане тука за децата од Ангелци, кои се приоритет за Владата, рече Ставрески.
Според него, со ова се создаваат подобри услови од оние порано и подобри услови за сите идни генерации.
– Игралиштето ќе создаде таленти, на него децата ќе се дружат, ќе се борат и ќе знаат да истрпат порази. Секогаш сум задоволен кога правиме нешто подобро за нашите граѓани, а уште повеќе кога станува збор за децата, додаде Ставрески.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, игралиштето ќе биде максимално искористено од децата од ова село.
– Агенцијата за млади и спорт реализира повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои и Проектот за изградба на 35 спортски сали, од кои 32 се веќе пуштени во употреба, потоа Проектот за 50 помошни фудбалски игралишта, Проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта и доизградба на теренски терени, рече Спасевски и додаде дека по овие проекти сигурно се менува спортската мапа на Македонија.
Поставен е камен-темелник на повеќенаменско игралиште во село Седларци, општина Василево, кое треба да биде готово за три месеци. Вредноста изнесува 2,5 милиони денари, а парите се обезбедени од општина Василево.
Покрај повеќенаменското игралиште во Ангелци, до него се гради и двоен тениски терен кој, според градоначалникот Стојанов, заедно со паркот што го изградила општината ќе го претвори просторот во една спортска арена.