Скопје, 10 јануари 2013 (МИА) – Цената на зелениот картон за една година за мотоцикли ќе се намали од сегашните 5.500 на 1.850 денари. Ова, како што изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, е одлука на Владата од вчерашната седница, а на барање на Мотоциклистичката федерација на Македонија.

– Сите оние што го гледале култниот филм „Изи рајдер“ со Питер Фонда и онаа сцена на почетокот со „чоперот“ знаат дека приказната на моторџиите и моторите е приказна за слобода на движењето, големи пространства и далечини. Во таа насока е и последната одлука на Владата. На овој начин ќе им овозможиме на преку 15.000 моторџии во Македонија колку што се регистрирани полесно да може да патуваат, да истражуваат, односно да се движат по Европа, односно надвор од границите на Македонија, а токму тоа е што тие го бараа од нас, рече Ставрески.

Тој потенцира дека со оваа одлука практично се исполнети сите барања на Мотоциклистичката федерација, потсетувајќи дека Владата веќе овозможи увоз на мотоцикли од Америка, како и можноста на пократки рокови да ги регистрираат моторите – на месец, три и шест месеци.

Ленин Јовановски, претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија и на мото-клубот „Ноќни волци“, заблагодарувајќи се во моторџиски жаргон со „респект“ за оваа одлука на Владата, истакна дека барањата на моторџиите биле собрание од форум на веб-сајтот „мотори“. Според него, со одлуката се опфатени сите типови мотори без оглед на нивната зафатнина, јачина или цена.

– Со оваа одлука се задоволија барањата на голем број моторџии. Регистрирани се повеќе од 15.000 мотори, но во евиденцијата на Република Македонија постојат 55.490 мотори. Со последните мерки тие ќе бидат стимул и моторите што се нерегистрирани да се регистрираат, рече Јовановски.

Тој изрази очекување соработката со Владата да продолжи и понатаму на повеќе проекти, а се однесуваат на зголемување на безбедноста на мотоциклистите, проектот за едукација на млади мотористи, како и изградба на патека за брзински вештини

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.