Скопје, 18 јуни 2012 (МИА) – Помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, вклучително и со Московската област владеат добри односи, констатирале на денешната средба во Москва претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и Сергеј Шојгу, губернатор на Московската област која претставува регион во Руската Федерација со над седум милиони жители.

Како што соопшти владината прес – служба, премиерот Груевски го запознал соговорникот за економскиот дел од посетата на Руската Федерација и средбите со руските компании кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија. Тој ги истакнал поволностите кои Македонија ги овозможува на потенцијалните инвеститори, осврнувајќи се на поддршката која државата ја дава на инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони, нискиот даночен пакет, позитивните макроекономски индикатори, пристапот до квалификувана работна сила и пазарот од 700 милиони потрошувачи, кој е обезбеден со договорите за либерализирана трговија со сите држави од континентот Европа.

Губернаторот Шојгу од своја страна изразил задоволство од можноста за средба со владината делегација, потенцирајќи дека сега кога локалната власт е запознаена со овие позитивни можности може да се очекува напредок во соработката помеѓу компаниите од двете земји. Тој истакнал подготвеност за овозможување на услови за трговија и инвестиции на македонските компании кои би биле заинтересирани за покривање на Московската област, пред се од областа на фармацевтската индустрија и трговијата со земјоделски производи.

– Шојгу изрази посветеност за ангажман во функција на зголемување на трговската размена и економската соработка меѓу двете страни во идниот период, и истакна дека добиените податоци ветуваат развој на нови перспективи, стои во соопштението.

Во рамки на денешната средба беше потпишана и Спогодба за трговска и индустриска, научно-културна и образовна соработка помеѓу Република Македонија и Московската област. Двете страни оцениле дека потпишаниот документ дава нов квалитет на односите и ја засилува можноста за интензивирање и конкретизирање на соработката на овие полиња од заеднички интерес. Станало збор за можноста за потпишување ваков вид спогодба и во областа на туризмот.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.