Париз, 4 декември 2013 (МИА) – Бизнис форумите во Лондон и Париз се први кои ги организираме заеднички со Фајненшл Тајмс, најреномираното финансиско списание во светот кое секојдневно го читаат стотици илјади бизисмени и инвеститори. Тоа им дава посебна тежина и значење на овие форуми, бидејќи привлекува и поголем број бизнисмени и потенцијални инвеститори кои што имаат можност да слушнат за можностите за инвестирање во Република Македонија, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески пред форумот во Париз.

Тој притоа, јави известувачот на МИА, посочи дека на овие форуми се присутни и претставници на Европската банка за обнова и развој, на реномирани финансиски институции кои, како што рече, исто така ја потврдуваат бизнис климата во Македонија, односно ги повикуваат инвеститорите да ја разгледаат Македонија како потенцијална дестинација за нивните идни инвестиции.

– Верувам дека ваквата комбинација, се она што ние можеме да го кажеме и понудиме, а тоа се најниски даноци во Европа, вкупниот добар бизнис амбиент потврден преку одличното место во рамките на Дуинг бизнис што го има Македонија, добрата инфраструктура и квалитетната работна сила е комбинација која што наидува на голем интерес кај компаниите во Лондон, а верувам и во Париз, истакна Ставрески.

Министерот за финансии изрази уверување дека на тој начин, како што рече, ќе имаме уште поуспешна презентација на нашата земја како потенцијална дестинација за нивните инвестиции и оти ќе се заокружи овој процес преку доаѓање поголем број инвеститори, од кои еден дел ќе донесат одлука за инвестирање во Македонија и отворање нови работни места.

Бизнис форумот во Париз ќе се одржи вечер, а пред француските бизнисмени ќе се обрати премиерот Никола Груевски, кој ја предводи владината делегација во чиј состав се и министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Во соработка со Фајненшл Тајмс, вчера во Лондон се одржа првиот форум на кој беше презентирана македонската бизнис клима.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.