Скопје, 24 октомври 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска информира дека Владата го усвоила законот со кој јавно ќе се објавуваат имињата на должниците и оти ќе биде проследен во собраниска процедура.
– Ќе се овозможи Управата за јавни приходи и Царинската управа да објавуваат листи на најголеми должници на своите веб страници при што на таа листа ќе бидат сите неплаќачи на данок. Јавно ќе се објавуват имиња на граѓани кои должат над две илјади евра, како и фирми кои должат над пет илјади евра, изјави Ставрески, при денешната посета на Дојран.
Владата го предлага законот со цел јакнење на даночната дисциплина. Ќе се објавуваат имињата на сите должници кои должат повеќе од 90 дена, односно за долг над 2 илјади евра за физички лица, и над 5 илјади евра за правни лица по основ на даноци, царини, акцизи и придонеси. Имињата на неплаќачите ќе се објавуваат јавно на веб страницата на надлежните институции најдоцна до 10-ти во месецот, по групи на долгови. Даночниот должник неколку дена претходно ќе биде информиран дека доколку не го подмири долгот, ќе се најде на листата на должници.
Премиерот Никола Груевски кој го најави неодамна проектот пред стопанствениците, укажа дека пред компаниите и граѓаните на увид ќе се стават неплаќачите на данок кои се богатат незаконски, го оштетуваат државниот буџет и нелојално им конкурираат на оние кои редовно си ги плаќаат обврските.