Кратово, 26 јули 2014 (МИА) – Работите за санирање на свлечиштето над Кратово одат добро и со интензитетот што е предвиден согласно проектот.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска по увидот на работите за санација на свлечиштето кое е долгогодишен проблем за граѓаните на Кратово, а заради лошите временски услови неодамна состојбата уште повеќе се влоши поради што Агенцијата за државни патишта започна со негово санирање.
– Добив уверување од директорот на Агенцијата и од сите ангажирани дека ќе се запази динамиката и до 20 септември годинава целосно ќе биде завршена санацијата. Со неа не само што ќе се обезбеди стабилност на патот, туку и ќе се прошири со трета лента и тротоар, рече Ставрески.
Посетата на Кратово, додаде, ќе ја искористи и со средба со градоначалникот Мите Андоновски и советниците во Општината за да поразговараат за реализацијата на програмата за најзначајните инфраструктурни и капитални проекти за општина Кратово.
– Ние имаме постојан контакт и како Влада гледаме таму каде што можеме да помогнеме за побрза реализација на проектите. Денеска ќе разговараме до каде се постојните проекти што се почнати и каква ќе биде динамиката на идните проекти, рече Ставрески.
Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски посочи дека санацијата на свлечиштето се реализира со буџетски средства и додаде дека ќе чини околу 57 милиони денари.
– Работиме на повеќе вакви проекти низ државата, како што се трите свлечишта на патот Радовиш – Конче, свлечиштата кај Ботун и Тасина Чешма на патот Охрид – Кичево, кај детското одморалиште на Пелистер и во Маврово на потегот од браната до Маврови Анови. Тие се реализираат со буџетски средства и со кредитите што ги зема Република Македонија преку Светска банка и ЕБОР, рече Георгиевски.
Градоначалникот на Кратово Мите Андоновски нагласи дека во општината интензивно се работи на неколку инфраструктурни објекти од локален, но и од регионален карактер.