Скопје, 16 декември 2013 (МИА) – Во Буџетот за 2014 година социјалните трансфери се проектирани на 77.667 милиони денари во кои се опфатени и предвиденото зголемување на пензиите и социјалните надоместоци за 5 проценти кои ќе бидат исплатени со мартовските пензии.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го Предлог-буџетот за 2014 година во Собранието потенцира дека е предвидено и зголемување за 5 проценти на платите во јавната администрација кое ќе биде исплатено со октомвриската плата.

– Во однос на платите ќе има зголемување сразмерно на можностите на Буџетот и констатирано е дека може да се реализира зголемување од 5 проценти со исплатата на октомвриската плата. Ваквото зголемување Република Македонија ќе ја издвои од останатите земји кои во овие времиња не само што не ги зголемуваат, туку и ги намалуваат платите во јавниот сектор. Ние смогнавме сили во овие времиња да има зголемување на платите на полицијата, војската, социјалните работници, во образованието…, истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека како резултат на предвиденото зголемување на пензиите, платите и социјалните надоместоци и субвенциите, тековните расходи во Буџетот за 2014 година ќе бидат поголеми за 3,9 проценти во однос на 2013 година.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.