Скопје, 12 септември 2012 (МИА) – Тутунопроизводителите може да бидат спокојни и сигурни дека и натаму ќе има производство на ориентален тутун и дека ќе ги добиваат субвенциите така како што е ветено во програмата на Владата на Република Македонија.
Ова го порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска истакнувајќи дека препораките на Светската здравствена организација повеќе се однесуваат на зачувување на здравјето на пушачите, отколку на оние кои произведуваат тутун.
– Тутунопроизводителите да бидат спокојни дека нема ризик за македонските тутунопроизводители ниту пак има опасност од намалување на субвенциите, рече министерот и додаде дека субвенциите на тутунарите за годинава се целосно исплатени во износ од 20 милиони евра во текот на мај и јуни годинава.
Во однос на порепораките на СЗО што треба да се гласаат во ноември, Ставрески рече дека Владата ќе ги заштити интересите на Македонија и на произодителите на тутун и во тој дел ќе заземе став во корист на македонската економија и македонското земјоделство.