9 мај 2018, Јордан – Автопатите Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце и патот Крива Паланка до границата со Бугарија, се идните проекти во фокусот на соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Годишните средби на ЕБОР, кои се одржуваат во Јордан.
ЕБОР се заинтересирани за финансирање на овие проекти и има можност за доделување грант средства за изведување дел од градежните работи за автопатот Гостивар – Кичево, за што стана збор на средбите. Грантот би се однесувал на изградбата на дел од првата делница од автопатот, односно делницата Букојчани – Кичево во должина од 12 километри. Се очекуваат и грант средства за реконструкција на патот Крива Паланка – Деве Баир.
– За автопатот Скопје – Блаце веќе добивме грант од ЕБОР за комплетирање на проектната задача, која треба да биде готова за помалку од три месеци – истакна Тевдовски.
Како што посочи министерот, најголем дел од соработката на Македонија со ЕБОР е во транспортниот сектор. Што се однесува до железничката инфраструктура на средбите се зборуваше за реконструкција на пругата Скопје – Кичево.
– Од железничката инфраструктура важен е Коридорот 8, пред сѐ проектот Скопје – Кичево кој ќе се реализира во иднина. Битни се и проектот за електронски системи долж Коридорот 10 и проектот за изградба гранична станица на железничкиот Коридор 10, помеѓу Република Македонија и Република Србија – рече Тевдовски.
Тевдовски истакна и дека Годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се зборува за крупни капитални проекти, бидејќи на нив присуствуваат клучни луѓе од финансискиот сектор.
– ЕБОР е сериозен партнер на Македонија. Нивното тековно портфолио на проекти изнесува 707 милиони евра. Најголем дел од проектите се од транспортниот сектор, во патната инфраструктура, каде што ЕБОР учествуваше во финансиската конструкција за автопатот Демир Капија – Смоквица, потоа на експресниот пат Штип – Радовиш, ремонтот на пругата на Коридорот 10 и рехабилитација на железничката пруга на Коридор 8 – рече Тевдовски.
Покрај билатералните средби со високи претставници на ЕБОР, министерот Тевдовски ќе учествува и на Тркалезната маса на Бордот на гувернери и на панелот „Зелена инфраструктура“.