Актуелната економска криза во Грција можеби ќе се одрази на македонската трговија, но нема да има никакви негативни влијанија врз грчките инвестиции, оцени денеска министерот за финансии Зоран Ставрески.

&nbsp

– Со оглед дека Грција е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, можни се одредени влијанија врз македонските компании во делот на трговијата, во однос на редовното снабдување, испораките, нарачките. Во делот на грчките инвестиции не очекувам да има посериозни негативни влијанија. Македонија со својот амбиент за бизнис, со ниските трошоци, им обезбедува на грчките и другите инвеститори поволни услови. Тие немаат ниту една причина да го напуштат овој пазар, изјави Ставрески по средбата со граѓаните врз чија зграда во саботата се урна кровната конструкција на поранешна „Југобанка“.

&nbsp

Според него, случувањата во Грција се сериозни во делот на фискалните работи, но уште повеќе во приватниот сектор.

&nbsp

– Сепак, не очекувам негативно влијание во делот на инвестициите. Во делот на трговијата се можни одредени импликации зависно како ќе се развива работата во Грција, дали ќе има социјални немири, штрајкови или нарушувања на производствениот процес, напомена Ставрески.

&nbsp

Тој информира дека деновиве имал редовна средба со првиот човек на Грчката национална банка, сопственичка на Стопанска банка. Станало збор за идните планови и активности во Македонија.

&nbsp

– Задоволен сум од тоа што го слушнав. Сметам дека и натаму ќе имаме добра соработка и во тој дел не очекувам ниаккви проблеми. Ми беше потврдено дека Националната банка на Грција и Стопанска банка ќе останат максимално ангажирани во поддршка на економскиот развој. Разговаравме за проекти како реконструкцијата на РЕК Битола во кој Стопанска банка ќе биде финансисер, за модернизацијата на аеродромите каде Стопанска банка издава гаранција од 20 милиони евра за ТАВ, рече министерот.

&nbsp

Нагласувајќи дека ниту светската, ниту македонската економија се уште дефинитвно не се излезени од светската криза, Ставрески потенцира дека Владата постојано работи максимално сериозно со намера да ги ублажи евентуалните последици.

&nbsp

На новинарско прашање дали ќе се забави олеснувањето на увозот на автомобили ако паралелно не се намалат и акцизите и царините, Ставрески рече дека не би требало зашто намалувањето на царините и акцизите ќе биде истовремено.

&nbsp

– За да дојде до истовремено паѓање на царините и акцизите отидовме со двата закона на иста собраниска седница. Станува збор за разлика од само ден или два кога едната точка ќе биде на дневен ред. Очекувам во речиси исто време да издејствуваме намалување и на акцизите и на царините. Тоа би требало да се заврши до средината на овој месец, меѓу 10 и 15 март двата закона да поминат на собраниска седница, рече министерот за финансии Ставрески.(МИА)

Comments are closed.