17 јануари 2017, Скопје – Министерството за финансии на денешната аукција на државни хартии од вредност дополнително ја намали каматната стапка за 0,3 процентни поени, или на 2,1% камата за 12-месечни државни хартии од вредност. За споредба, пред 10 години, кога почнаа да се издаваат овие државни хартии од вредност, каматата беше петкратно повисока, или над 11 отсто.
И покрај намалената каматна стапка, интересот за државните хартии од вредност беше огромен. Иако понудата беше 400 милиони денари, побарувачката изнесуваше 2,181 милијарди денари, или пет пати повеќе од понуденото. Сепак, Министерството запиша 400 милиони денари, колку што беше понудено во проспектот.
Утре Министерството за финансии ја враќа истата сума, односно 400 милиони денари во стопанството, по основ на доспеани државни хартии од вредност. Нето-задолжувањето за оваа аукција е нула.
Големиот интерес на инвеститорите за државните хартии од вредност е показател за нивната доверба во економските политики кои се водат. Ова е инаку второ намалување на каматната стапка на државните хартии од вредност за една недела.