27 септември 2020, Скопје – Квалитетот во економијата ќе биде пред сè детерминирачки, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервјуто за Радио Слободна Европа. Тој нагласи дека Владата ќе промовира диверзитет при вработување во бизнис-секторот, како што се практикува во светски фирми и меѓународни институции.
Господине Бесими, веднаш по стапувањето на функцијата требаше да се зафатите со ребаланс на Буџетот. Колку пари недостасуваат? Колку пари „изеде“ корона–кризата од државната каса?
Оваа ситуација наметна ребаланс на Буџетот, а точната бројка ќе произлезе со сетот мерки. Независно од тоа, ние веќе работиме на истото. Дојдовме до одредени процени за кратења, односно реалоцирање средства од постојниот Буџет. Независно колку ќе изнесува целиот пакет со кој веќе сме при крај, ќе се оди со евентуално зголемување на дефицитот или задолжување со цел да се покрие новиот пакет антикризни мерки. Тоа е во рамки на очекуваното, отприлика онолку колку што изнесувале досегашните мерки во претходните три пакети за справување со корона-кризата.
Првиот вицепремиер, Артан Груби најави субвенции за етнички вработувања во приватниот сектор. Ќе бидат ли предвидени пари за тоа во ребалансот или во Буџетот за наредната година?
Во програмата на Владата за 2020-2024 година има формулација во однос на тоа дека Владата во соработка со приватниот сектор ќе го охрабри и ќе го поттикне истото со цел поддршка и промовирање добри меѓуетнички односи и толеранција, а сето тоа за да се создаде една позитивна работна средина, во смисла на искористување на целиот човечки потенцијал во економијата.
Веднаш да го разграничам она што е важно, бидејќи гледам дека во јавноста имаше многу реакции на оваа тема. Во економијата, не само кај нас туку и во целиот свет, квалитетот пред сè ќе биде детерминирачки, а јас лично верувам дека граѓаните, независно од нивната етничка припадност, имаат свои квалитети како личности и професионалци.
Идејата на ова е диверзитетот да биде една од вредностите како што се применува и во Европската Унија. Како и во светските глобални компании, на пример Гугл којшто има извршен директор од Индија, така и кај нас диверзитетот ќе биде само позитивна вредност во економијата, и истото треба да произлезе од потребите на пазарот. И мислам дека во соработка со бизнис-заедницата тоа може да биде само еден нормален процес согласно квалитетот и пазарните принципи. Притоа Владата ја поддржува промоцијата на диверзитетот, којшто е еден од вредностите во Европската Унија, кон која целиме и ние.
Поттикне и охрабри не откриваат многу од аспект на владините политики.
Тоа е дел којшто ќе произлезе од соработката со бизнис-заедницата. Целта е дека без оглед на етничката припадност на граѓаните, главна предиспозиција ќе биде нивниот квалитет, професионален и личен, како што тоа го условува пазарот, односно пазарните услови. Политиките ќе бидат во насока на поддршка на економијата, создавање нови работни места, охрабрување во смисла на диверзитетот, како што практикуваат светските компании и меѓународните институции.
Добро, имаме ли анализи кај кои социјални или етнички групи има помала вработеност за да се стимулира нивно вработување?
Пазарот ќе детерминира како фирмите ќе реагираат на пазарот, значи главната премиса со векови во функционирањето на пазарната економија се пазарните предуслови. Државите во разни политики, било да се социјални, било да се од друг карактер даваат поддршка на економијата, меѓу другото, во конкретниот случај и промоција и поддршка на диверзитетот на општествената реалност. Тоа се практикува и во глобалните меѓународни компании. Тие си имаат свои политики на човечки ресурси, каде што една од вредностите е промоција на диверзитетот.
Јавниот долг достигна 6,5 милијарди евра, односно скоро 60 отсто од бруто-домашниот производ. До каде можеме да одиме, односно што би било безбедно задолжување?
Стандардот што се гледа во време кога нема криза изнесува околу 60% од БДП и тоа за земјите од ЕУ е некој општ стандард. Меѓутоа, ако гледаме реално, сега земјите од ЕУ а и од регионот, како на пример Хрватска и Словенија коишто се поблиску до нас, имаат околу 67 и 71 отсто од БДП, се со поголемо задолжување. Така што тие параметри и рамки треба да ги гледаме среднорочно. Во период на криза, кога нема раст на БДП, нема инкам, нема приходи, а има сериозни потреби за расходи, меѓу кои расходи во Буџетот за да се покрие тоа што недостасува и во приватниот сектор и кај граѓаните, тогаш едноставното решение е на краток рок задолжување и преструктурирање на долгот, со цел на среден и долг рок да нема презадолжување. Земјите од регионот се со различна позиција на јавниот долг, но секако во вакви ситуации не е чудно да се слушне дека јавниот долг може да порасне со оглед на тоа дека имаме и многу сериозни инвестициски и инфраструктурни проекти што треба да се поддржат, а кои се од исклучителна важност за нашиот долгорочен раст и развој, како и од аспект на нашата конкурентност.
Извор: Радио Слободна Европа