Вести|

Приходите во 2020 година се реализираа во рамки на проектираното, додека и покрај светската економска криза, минатата година имавме редовна исплата на платите, пензиите, социјалната заштита но и мерки за поддршка на економијата. Очекувањата за годинава се дека случувањата со пандемијата предизвикана од ковид-19 ќе се стабилизираат, што ќе влијае врз заздравување на економијата. Стратегиите и мерките што ќе се преземаат понатаму ќе бидат во насока на поддршка на забрзување на економскиот раст, односно негово удвојување на среден рок, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на заедничката прес-конференција со претседателот на Владата, Зоран Заев.

 

– Во однос на реализацијата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, со задоволство можам да констатирам дека, реализацијата на приходите е генерално во рамки на очекувањата, дури слободно може да кажеме и над очекувањата, а расходите се реализираа редовно и навремено. Вкупните приходи во 2020 година се реализирани во износ од 189,8 милијарди денари што претставува 96,7% од проектираните приходи за 2020 година. Даноците и придонесите имаат остварување од 99,5 проценти од планираното за цела година, што покажува одлично планирање во услови на непредвидливост. Во 2019 година даноците и придонесите имаа остварување од  97,2 процента од планираното – посочи Бесими.

Тој рече дека има значително подобрување на приходната страна на Буџетот во декември, кога наплатата даноците и придонесите изнесува 18 милијарди денари, што е за 4,3 % повеќе во однос на декември минатата година. Притоа, во декември, приходите од даноци, каде што најголемо учество имаат ДДВ, данок на добивка и персонален данок на доход, изнесуваат 10,9 милијарди денари или за 2 процента повеќе во однос на минатата година, кога по овој основ се слеале 10,7 милијарди денари.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во 2020 година се реализирани во износ од 243,7 милијарди денари, што претставува 96,4 во однос на проекцијата. Расходната страна во овој период од годината бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борбата против кризата предизвикана од ковид-19.

Капиталните расходи во 2020 година изнесуваат 16,1 милијарда денари, што претставува 82 процента од планираната реализација на капитални инвестиции. За споредба, лани беа реализирани 77,6 проценти од планираните капитални расходи за таа година, посочи Бесими.

Министерот за финансии истакна и дека има подобрување од аспект на месечните макроекономски показатели во четвртиот квартал.

– Извозот на стоки во октомври забележа раст од 5,6% на годишна основа, што претставува последователен раст на извозната активност во последните три месеци. Просечната искористеност на капацитетите во преработувачката индустрија постепено расте, со 68,5% во ноември, и полека се приближува до нивото пред кризата од 71,4% во февруари. Индексите на индустриско производство по стрмниот пад од над 30% во април, во ноември забележуваат значително ублажен пад од -4%. Кредитната поддршка продолжи, па во ноември е забележан кредитен раст од 5,4% на годишна основа, како одраз на растот на кредитите и кон претпријатијата и кон домаќинствата. Продолжува и растот на платите во четвртиот квартал, со 8% годишен раст во октомври – посочи Бесими.

Министерот за финансии истакна дека со стабилизација на состојбата предизвикана од пандемијата и со спроведувањето на мерките и стратегиите за побрз раст, нашата економија може да постигне побрз раст и да обезбеди подобар стандард за нашите граѓани.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *