20 јануари 2021, Скопје – Направено е проширување и реконструкција на зградата на општината со Сарај, преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, којшто го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. На општината ѝ беа доделени 13 милиони денари или 217 илјади евра за да општинската зграда стане модерен и енергетски ефикасен објект, којшто ќе овозможи подобри услови за работа на вработените и подобри општински услуги за граѓаните во таа општина. На јавниот настан по повод завршување на проектот присуствуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети.
Со спроведување на Проектот за реконструкција и доградба на општинската зграда, капацитетот на објектот се зголеми за 325 м2. Исто така, поставена е нова фасада, нова кровна конструкција, нови енергетски ефикасни прозорци, направена е реконструкција на подната површина и поставена е нова заштитна ограда на скалите во целиот објект.
Министерството за финансии преку Проектот за подобрување на општинските услуги го додели заемот на општина Сарај по исклучително поволни услови, 13 години отплата со 3 години грејс период и каматна стапка од 6-месечен Еурибор.
– Проектот за подобрување на општинските услуги, преку којшто е реализиран проектот за општинската зграда на Сарај, е проект што има за цел преку вложување во капитални инвестиции во општините да се подобрат општинските услуги, како и условите за живот во општината. Конкретно, со овој проект во Сарај ќе се подобрат општинските капацитети за опслужување на граѓаните во таа општина, потоа ќе се обезбедат подобри услови за работа на вработените во општината и воедно со подобрување на ефикасноста на градбата ќе се намалат трошоците за одржување – посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Градоначалникот на општина Сарај, Беџети истакна дека со овој проект општината и вработените добиваат простор каде што ќе можат соодветно да ги извршуваат своите работни обврски. Граѓаните од општината исто така добиваат соодветен простор како и подобрување на општинските услуги. Истовремено, се намалуваат трошоците за поправки и одржување.
Министерот Бесими истакна дека Проектот за подобрување на општинските услуги е исклучително успешен проект, којшто поддржал над 250 капитални проекти во сите општини во земјава. Станува збор за проекти за локална инфраструктура, како што се патишта и улици, водоводи, енергетска инфраструктура, водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона, набавка на општинска механизација и опрема и други проекти значајни за подобрување на општинските услуги.
Тој посочи дека за успешноста на проектот говорат и податоците дека во услови на светска пандемија и економска криза во текот на минатата година имаше реализација од 98,75% на капиталните инвестиции преку овој проект. Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини, во сите региони во државата, во вредност од над 10 милиони евра од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани.