27 јануари 2021 – Поддршка за реформите за зајаканување на управувањето со јавните финансии преку проекти за подобрување со управувањето со јавниот долг, како и од областа на финансиските статистики, беа дискутирани на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада.
На средбата, министерот за финансии ја запозна амбасадорката со концептот на СМАРТ финансии, во насока на зајакнување на планирањето, како и следењето на реализацијата на мерките кои се преземаат и нивниот импакт врз економијата и општеството. Министерот ги претстави и реформите кои се прават од аспект на буџетот и неговото извршување, како и Интегрираниот систем на управувањето со финансиите – ИФМИС.
На средбата стана збор и за изменувањето на Спогодбата за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот од доход и данокот на капитал со Швајцарија со Протокол, согласно правилата на ОЕЦД, во насока на зајакнување на одредбите од постојната спогодба, фер даночен третман и поголема даночна транспарентност.
Министерот и амбасадорката дискутираа и за досегашната соработка помеѓу двете земји на економски план, како и искуствата за справување со последиците предизвикани од пандемијата Covid-19. Министерот за финансии посочи дека очекувањата за нашата економија за годинава се стабилизација и закрепнување. Преземените антикризни мерки и мерките кои допрва ќе се преземаат ќе придонесат за тоа, а се очекува и со слабеењето на кризата, довербата на инвеститорите да расте, како и забрзување на економската активност во целина.
Швајцарија е наш партнер за реформските процеси во земјава во областите на транспорт, животна средина, економски развој и демократско управување преку голем број на проекти кои се реализираат и кои допрва ќе се реализираат во земјава. Беше изразена подготвеност за поддршка на нови проекти кои ќе придонесат за подобрувањето на стандардот и демократско владеење.