Вести|

5 март 2021, Скопје – Каматната стапка на осмата еврообврзница на земјава, којашто беше издадена оваа недела, е пониска од многу земји што се дел од Европската Унија или коишто имаат и подобар кредитен рејтинг од земјава, како што се Хрватска, Турција и Србија. Сепак, инвеститорите имаа поголема доверба во нашата економија и нејзината перспектива и постигнавме историски најниска каматна стапка од 1,625%, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „Топ тема“.

– Успеавме да постигнеме историски најниска каматна стапка од 1,625% за осмата еврообврзница, неколкукратно пониска во однос на претходно издадените обврзници од земјава, но и пониска од многу земји што имаат и повисок кредитен рејтинг од земјава. Така на пример, минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75% додека другата од 1,125%. Понатаму, минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65%. Еврообврзниците што ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75% и 5,875%. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253%. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253%. Понатаму, Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници, едната во износ од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и другата од милијарда евра со каматна стапка од  1,375%. Турција, исто така, во ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95%, а Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125%, рече Бесими.

Министерот посочи дека со средствата обезбедени од оваа еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата од 2014 година којашто беше со камата од 3,975%, како и дека по основ на ниската камата од новата еврообврзница ќе се заштедат 82,25 милиони евра.

Министерот за финансии истакна дека зголемувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг, во време на ковид-кризата, е реалност за речиси сите светски економии, вклучително и за нас. Тој рече дека економии како Шпанија, Италиja и Грција, минатата година го покачија државниот долг за над 20 процентни поени. Министерот  вели дека сега од најголемо значење ќе бидат посткризните политики во насока на стабилизација и ревитализација на економијата, вклучително стабилизација и на јавниот долг.

– Кај јавниот долг најважно е за што ги земаме средствата и дали ќе бидеме во можност во иднина да го сервисираме. Неслучајно во Буџетот за 2021 година отидовме со среднорочно планирање. Среднорочната рамка е заклучно со 2025 година и се базира на три компоненти: план за раст – како да го зголемиме и забрзаме растот до 5,9% во 2025 година, втората компонента е буџетската консолидација и третата компонента е планот на јавните инвестиции од 3,2 милијарди евра. Со фискалната консолидација се оди кон постепено намалување на буџетскиот дефицит, а со тоа и на јавниот долг за да до 2025 година се намали на 58,8% од БДП. Од една страна ќе дејствуваме да ги зголемиме приходите преку подобрување на наплатата, понатаму да го подобриме квалитетот на расходната страна, односно реализацијата на капиталните расходи и на крај нови извори на финансирање на дефицитот, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *