22 април 2021, Скопје – „Буџетот е ликвиден и сите обврски во државата како и кон надворешните кредитори се исплаќаат навремено. Пензиите за месецов, со одлука на Влада, ќе се исплаќаат од 26 април, исплатата по однос на мерките се одвива навремено, капиталните расходи се реализираат согласно предвидената динамика, приходите во Буџетот се подобри од минатата година, а невработеноста се намалува. Мерката за кредитна линија од ЕИБ е во финална постапка, со чија реализација процентот на имплементација на мерките ќе се зголеми на 92%. Фирмите од вчера, 21 април, аплицираат за финансиска поддршка заради исплата на плати за месеците февруари и март, а на Собрание поминаа и измените на Законот со којшто се овозможува исплатата на ранливите категории граѓани кои беа опфатени со мерката за финансиска поддршка, а истата не можеа да ја искористат поради неажурирани податоци во банките“, потенцира заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, на гостувањето во емисијата „Што мисли народот“, на штипската телевизија ТВ Стар.
Ковачевски вели дека во Штип најпогодена е текстилната индустрија, како и дека мерките во петтиот пакет се таргетирани кон најпогодените индустрии и оти со нивната реализација ќе се овозможи ревитализација на економијата.
Тој потенцира дека истиот ден кога се донесени законите за Петтиот пакет-мерки од страна на Собранието, е донесен и Шестиот пакет-мерки во Владата, којшто во најголем дел е насочен за помош на угостителството. Ова покажува дека, од страна на носечките институции и од страна на Владата се реагира брзо и навремено за да може помошта да стигне до оние на коишто им е неопходна.
Заменик-министерот Ковачевски истакна дека економските политики и мерките коишто се реализирани го дале очекуваниот резултат за што говорат и макроекономските податоци.
Во првите два месеца, извозот на стоки регистрира номинален раст од 9,8% на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки регистрира номинален раст од 4,4%, што придонесе трговскиот дефицит да се намали за 11%. Искористеноста на производствениот капацитет, исто така, расте, со 71% искористеност во февруари, што е на ниво од преткризниот период. Податоците за внатрешна трговија за првите два месеца, како што изјави, покажуваат номинален раст на прометот од 0,5%, што следи по периодот на намалување којшто траеше во текот на целата 2020 година. Просечната нето-плата продолжува да расте и од почетокот на годинава, со раст од 2,7% во февруари.
Последните податоците од Агенцијата за вработување исто така говорат за позитивен тренд во поглед на вработеноста. Во февруари годинава се евидентирани 159.608 невработени лица, додека во март годинава се евидентирани 145.327 невработени лица.
Во однос на реализацијата на Буџетот од почетокот на годината, заклучно со 15 април, приходите се повисоки за 7,8% споредено со лани.
„Имајќи ја предвид споредбената основа лани, којашто најголем дел не беше опфатена од корона-кризата, ова е навистина позитивен резултат. Наплатата на даноците и придонесите е повисока за 8,7% во овој период, при што кај даноците се забележува висок раст од 11,6%, додека кај придонесите растот изнесува 4,7%. Растот на наплатата на даноците најмногу се должи на растот на ДДВ-то за 17,7%, растот на данокот на добивка од 10,2% и на увозните давачки од 17,1%. Расходите се сервисираат редовно и навремено, додека буџетскиот дефицит е согласно планот“, изјави Ковачевски на гостувањето.