13 мај 2022, Скопје – Министерството за финансии ги продолжува активностите за развој на системот за управување со јавните финансии. Првата Програма за реформа на управувањето со јавните финансии е донeсена пред четири години, а денеска се одржа дијалог за политиките за новата Нацрт-програма, заедно со сите релевантни партнери – ЕУ, меѓународни институции, како ММФ, Светска банка, УНДП и други, УСАИД, амбасади, граѓански организации, академска заедница. Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии е стратешки документ за развој на системот за управување со јавните финансии. Реформите се започнати во претходниот четиригодишен период (2018-2022), а новата Нацрт-програма обезбедува продолжување на реформите во оваа област.
„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување, што беше наметнато од здравствената пандемија што започна во 2020 година и предизвика не само здравствена, туку и социо-економска криза, која дополнително се влоши со енергетската криза и актуелната војна во Украина, изместувајќи ги речиси сите економии од нивната преткризна траекторија на раст. Потребата да се преземат економски мерки предизвика зголемување на расходите на државата заради експанзивната фискална политика и ја помести среднорочната рамка на планираните фискални таргети со зголемени дефицити и јавен долг. Со ова се потенцира важноста на одржливоста на јавните финансии и се истакна потребата од балансирање помеѓу краткорочните стабилизациони цели и долгорочната фискална одржливост, преку рационализација на јавните расходи на среден рок, како и мерење на резултатите од реализацијата на расходите со цел зголемување на ефикасноста на трошењето и постигнување фискална одржливост на среден рок“, рече министерот Бесими обраќајќи се на денешниот состанок.
Тој истакна дека понатамошно подобрување на управувањето со јавните финансии е неопходно не само како поддршка на мерките за фискална консолидација и структурни реформи, туку и како процес кој го подига квалитетот на јавната администрација и обезбедува атрактивен и посакуван амбиент за инвеститорите.
Програмата се базира на концептот СМАРТ систем на јавни финансии или во буквален превод „паметни“ финансии, којшто ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен, ќе ги имплементира реформите што треба да се направат во јавните финансии, во смисла на подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, ќе биде континуиран, односно одржлив и во континуитет ќе дејствува кон подобрување на транспарентноста. Од аспект на економската филозофија или политичката економија, ова ќе значи стремење кон поправичен модел на јавни финансии гледано од аспект на приходи, расходи и начин на финансирање, односно популарно кажано, како се полни Буџетот и како и каде се трошат парите на граѓаните. Фокусот е ставен на замена на традиционалното буџетирање со буџетирање засновано на резултати и воведување повеќегодишна буџетска рамка.
Министерот, истакнувајќи дека еден од главните столбови на СМАРТ системот мора да бидат транспарентноста и отчетноста на јавните финансии., рече дека транспарентноста изминатите години е „клучен збор“ во политиката. Неговата реална вредност за јавните финансии е дека тоа е највисок степен на фискална контрола, каде што информацијата на јавноста се дава на едноставен и општо разбирлив начин, а потоа таа суди и одлучува дали тоа е вистинска или оправдана или легална одлука.
Реформите во јавните финансии со цел подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии, зголемување на наплатата на приходите, подобрување на системот на јавни набавки и зајакнување на внатрешната и надворешната контрола преку зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето се идентификувани како една од клучните цели на Владата, што треба да обезбеди забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните. Тоа вклучува одржување стабилен Буџет на долг рок, притоа продолжувајќи со обезбедувањето квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти, преку модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација.
Новата Програма, којашто е структурирана во 8 столба со 22 приоритета, е резултат на интензивната работа на релевантните институции на системот за управување со јавни финансии во последните 6 месеци, процес координиран од Министерството за финансии во соработка со УЈП, Царинска управа, Биро за јавни набавки, Државна комисија за жалби, Министерство за економија и Државен завод за ревизија, а помогнат од ППРУ (SIGMA).