Вести|

19 мај 2022, Скопје – Американски професор, економист и автор Пол Кругман, лауреат на Нобеловата награда, доаѓа во Скопје. Кругман ќе има свое 30-минутно обраќање на отворањето на годинашната конференција на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), платформа за дијалог на економски и финансиски теми, која минатата година ја иницира Министерството за финансии на Република Северна Македонија.

Нобеловата награда за економија Кругман ја доби во 2008 година за истражувањето кое ги редефинира постојните теории за меѓународната трговија и економска географија и ги преориентира натамошните истражувања на овие теми. Покажувајќи ги ефектите на економиите на обем врз трговските модели и врз локацијата на економската активност, тој поставува нов модел на меѓународна трговија.

Пол Кругман е претставник на неокејнзијанската школа и се смета за еден од највлијателните економисти на денешницата. Освен по редефинирањето на теоријата за меѓународна трговија, познат е и како основач или соосновач на неколку нови дисциплини во меѓународната економија – од новата трговска теорија (NTT) и новата економска географија (NEG) до модели на финансиски кризи и движења на девизниот курс.

Во својата кариера, предавал на престижни универзитети како „Јеил“, Институтот за технологија на Масачусетс (MIT), „Принстон“, „Стенфорд“ и на Лондонската школа за економија. Од 2015 година е истакнат професор по економија во Центарот за постдипломски студии на Градскиот универзитет на Њујорк (CUNY) и научник во центарот „Стоун“ за социоекономска нееднаквост. Плоден е и како автор, со долга листа на публикации, од економски и политички бестселери за широка публика до учебници и академски трудови за макроекономијата, движењето на девизниот курс, меѓународниот развој, меѓународната трговија и економската географија. Автор или уредник е на 27 книги и на повеќе од 200 академски трудови објавени во стручни списанија. Особено е популарна неговата колумна што ја објавува на страниците на „Њујорк тајмс“.

Годинашната, втора конференција на СЕФФ ќе се одржи на 30 и 31 мај 2022 година, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Насловната тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“ е разложена на четири столба:

  • Макроекономски предизвици во турбулентни времиња,
  • Отпорност, конкурентност и регионална соработка,
  • Енергија, зелена транзиција и инфраструктура,
  • По кризата: двигатели за одржлив раст.

Покрај Кругман, меѓу потврдените учесници се повеќе истакнати економисти, високи претставници на меѓународни финансиски институции, министри за финансии, гувернери…, кои ќе ги образложат своите гледишта и ќе дебатираат на една од осумте панел-дискусии на #СЕФФ2022.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *