25 октомври 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими утре ќе оствари работна посeта на Брисел, каде што ќе се сретне сo еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и со еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони. Посетата е во пресрет на активностите на Министерството за финансии за подготвување на најзначајните документи – Буџетот за 2023 година, Програмата на економски реформи, во која се утврдуваат реформите што ќе се преземат во наредниот период а кои се заеднички утврдени со ЕК, како и акцискиот план за имплементација на препораките од Извештајот на ЕК за напредокот на РС Македонија за 2022 година.
Исто така, на средбите министерот ќе информира и за можноста за користење поволни средства од Меѓународниот монетарен фонд преку ПЛЛ програмата, а ќе биде покрената и иницијатива за буџетска поддршка со цел справување со предизвиците од енергетската и ценовна криза, од ЕК преку МФА.
Посетата на министерот Бесими на Брисел е значајна и од аспект на започнатиот билатерален скрининг процес, по усвојување на Преговарачката рамка за РС Македонија и одржувањето на прватa Меѓувладина конференција, во процесот на пристапување кон ЕУ.
Актуелната енергетска и ценовна криза, која има големо влијание врз економијата во земјата, мерките што ги презема Владата за справување со истата, но и реформите што ги спроведува земјата на патот кон целосна евроинтеграција и повисок економски раст, исто така ќе бидат дел од темите на кои ќе се разговара на средбите.
Поддршката од Европската комисија во спроведување на реформите е значајна, а ваквите средби се позитивен придонес кон нивна имплементација.