10 април 2023, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими од денеска до 15 април 2023 година ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе оствари средби со високи претставници во седиштето на ОН, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.
За време на престојот, министерот ќе оствари средби со заменик-генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед и регионалниот директор на УНДП за Европа и Централна Азија, Ивана Живковиќ, на кои ќе стане збор за поддршката што ја добива нашата земја од оваа значајна меѓународна организација во остварувањето на развојните цели, одржливиот развој, зеленото финансирање, како и за насоки за справување со предизвиците што произлегоа од енергетската и ценовната криза.
Во рамки на работната посета, министерот за финансии, заедно со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, ќе учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
Овие средби, кои на едно место обединуваат министри, гувернери, претставници на приватниот сектор, на граѓански организации, како и бројни експерти, им овозможуваат на учесниците да оставарат голем број формални и неформални средби.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими во рамки на Пролетните средби ќе оствари средби со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и со алтернативниот извршен директор, Лук Дресе. Воедно ќе оствари средби и со високи претставници на Светска банка, меѓу кои со новата потпретседателка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и извршниот директор, Кун Давидсe. Средбите се можност да се направи осврт на политиките и реформите што ги презема земјата во насока на постигнувaње повисоки и одржливи стапки на раст, како и на среднорочните планови и мерките за справување со кризата.
Министерот ќе има средба и со заменик-помошникот секретар за Европа и Евроазија во Трезорот на САД, Брајан Меколи. Трезорот на САД нуди значајна техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии.
Во фокусот на Пролетните средби во Вашингтон ќе бидат предизвиците со кои се соочува светот, како може да се одговори на тие предизвици и истовремено да се промовира раст и просперитет за сите.