5 мај 2023, Скопје – Главна надлежност на Министерството за финансии е да го проектира Буџетот, да ги даде рамката и главните претпоставки и да постапува во согласност со она што е усвоено во Собранието, каде што пратениците одлучуваат во име на граѓаните. Сè она што е ново и надвор од усвоеното треба да чека нов буџет.
Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Притоа најави дека за да се надминат нејаснотиите што се јавуваат во законски утврдениот процес за вработување кај буџетските корисници, постапката ќе биде јавно објавена на веб-страницата на Министерството за финансии.
„Во однос на процесот на реализација на нови вработувања кај буџетските корисници Министерството за финансии само дава известување дали има обезбедено финансиски средства кај буџетскиот корисник во кој треба да се реализира новото вработување, бидејќи тоа се средства од Буџетот и секое трошење што не е предвидено и не се обезбедени средства значи оштетување на Буџетот“, рече министерот за финансии и потенцира дека Министерството за финансии нема ингеренции и капацитет да врши микроуправување во институциите. Одговорноста за тоа е на оние што управуваат со институциите.
Додаде дека за случајот со Клиничката болница – Штип, но и за сите други за кои се доставени барања во Министерството за финансии, се води комуникација помеѓу институциите и се работи на надминување на разликите.