22 мај 2023, Скопје – Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски ја предводи делегацијата на РС Македонија која од денеска до 24 мај ќе учествува на 65-тиот пленарен состанок на комитетот Манивол, што се одржува во Стразбур.
На состанокот ќе се разгледува Нацрт-извештајот за евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на РС Македонија, процес што започна во декември 2021 година и се заокружува со усвојување на Извештајот. На 24 мај, заменик-министерот Николоски ќе има свое обраќање на 65-от пленарен состанок.
Манивол го спроведува петтиот круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на нашата држава, со што ја оценува техничката усогласеност со препораките на ФАТФ, односно нашата правна и институционална рамка и ефикасноста на системот преку имплеменатција на законските надлежности и постигнатите резултати.
Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам (Манивол) е мониторинг тело на Советот на Европа со 47 земји членки, кoе поднесува извештаи директно до својот главен орган, Комитетот на министри на Советот на Европа. Задачата на Манивол е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за борба против перење пари и финансирање тероризам и ефективноста на нивното спроведување, како и да дава препораки до националните власти во однос на неопходните подобрувања на нивните системи.
Нашата делегација во Стразбур ја сочинуваат претставници од релевантните институции вклучени во процесот, и тоа: Управа за финансиско разузнавање, Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Министерство за внатрешни работи, НБРСМ, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на осигурувањето и Централен регистар.