Вести|

14 јуни 2023, Скопје – Денеска во Скопје се одржа координативна конференција на твининг-проектот финансиран од ЕУ ИПА 2018 „Зајакнување на функциите на буџетското планирање, извршување и внатрешна контрола“Целта на конференцијата беше да се претстават значајните резултати што беа постигнати од почетокот на проектот во февруари 2020 година до денес.

Поздравно обраќање на Конференцијата имаше заменик-министерот за финансии, Филип Николоски кој истакна дека твининг-проектот обезбедува значајна поддршка на нашите институции во спроведувањето на реформите во управувањето со јавните финансии, но и поддршка за имплементација на препораките на Европската комисија за соодветните поглавја доставени до нашата земја. „Подобрувањето на управувањето со јавните финансии е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, а воедно и еден од приоритетите за пристапување во Европската Унија. Со цел да се постигне успешно спроведување на овој приоритет, којшто вклучува фискална дисциплина, одржливост на долгот и ефикасно, транспарентно и модерно управување со јавните финансии, Владата одлучи да ги насочи своите напори преку Министерството за финансии со цел спроведување сеопфатна реформа на управување со јавните финансии, за што е неопходна и поддршката од нашите партнери во ЕУ и другите меѓународни институции и донатори“, рече заменик-министерот Николоски.

Во рамките на проектот досега се спроведени следните активности:

  • изработени се околу 60 регулативи (закони, подзаконски акти и методологии);
  • одржани се над 60 обуки, работилници и дискусии на тркалезни маси;
  • зајакнато е среднорочното буџетско планирање изразено во новата Фискална стратегија која содржи повеќе квантитативни и квалитативни податоци согласно со препораките добиени од експертите во проектот;
  • постојниот систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор е надграден во насока на воспоставување современ, соодветен и ефективен систем во согласност со најдобрите европски практики и барањата на Европската комисија;
  • отпочнати се активности за воспоставување на Академијата за јавни финансии при Министерството за финансии;
  • Националната програма за сертификација за внатрешни ревизори е во процес на изработка;
  • Финансиската инспекција е надградена и воедно се зајакнати нејзините капацитети;
  • изготвена е Стратегија за јавни набавки, како и соодветна методологија во согласност со Стратегијата;
  • Националната стратегија за борба против измама е ажурирана, додека Мрежата за борба против измами АФКОС е целосно воспоставена;
  • системите за јавни набавки и поднесување жалби се подобрени;
  • подобрени се и капацитетите на буџетските корисници на централно и локално ниво во поглед на спроведување на законодавството за управување со јавни финансии и употреба на современи алатки.

 

Главната цел на проектот е дополнително подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавното трошење преку активности што го поддржуваат спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии.

Проектот го спроведува Министерството за финансии на Република Северна Македонија, во соработка со твининг-партнерите од земјите членки на ЕУ –  Кралството Холандија, Република Хрватска, Република Бугарија и Република Латвија.  Проектот е во траење од 49 месеци со вкупен расположлив буџет за реализација во износ од 3.700.000 евра.

За повеќе информации ве молиме контактирајте со:

г. Мите Митевски, лидер на проектот од земјата корисник,

електронска пошта: mite.mitevski@finance.gov.mk

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *