22 јуни 2023, Скопје – Кохерентните, интегрирани и одржливи политики се клучни на патот до европска интеграција. Преку инклузија на научната заедница во нивното креирање, може да се постигне синергија на добри решенија, пристапи и препораки за да се забрза процесот и да се постават позиции коишто ќе бидат од корист во постигнувањето на евроинтегративните цели.
Денеска се одржа научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: клучни предизвици и приоритети“, во организација МАНУ, a во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.
„Нашата определба секогаш била евроатлантска, а стратешкото партнерство со ЕУ и со САД е основа за стабилен и одржлив развој на нашата земја, како демократски, така и економски. Единствениот европски пазар од половина милијарда граѓани, пристапот до заедничките фондови, како и заедничките стратегии по однос на клучните прашања се главните придобивки од членството, кои ќе придонесат кон побрза конвергенција на нашата земја кон развиените пазари“, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Тој додаде дека научните конференции се одлична можност да се искористат научните пристапи и препораки за да се забрза процесот, а воедно и да се постават позиции што ќе бидат од корист во постигнувањето на евроинтегративните цели.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ рече дека ваквите дебати се само почеток во оваа фаза на преговори со ЕУ и дека и понатаму, за сите процеси поврзани со евроинтеграцијата, ќе продолжи комуникацијата и координацијата со академската фела, порачувајќи дека сега е време кога треба сите, заедно, креативно да размислуваат и летово да се отвори дискусија за областите во кои ќе можеме да се вклучиме порано, пред членството во ЕУ.
„После скоро една година од започнувањето на преговорите со ЕУ, имаме квалитетни резултати и време е да се вклучат сите засегнати страна во исполнувањето на нашата стратешка цел. Постои реална шанса Северна Македонија да се најде во пакетот држави идни членки на ЕУ. Постои план од страна на ЕУ кој треба да го искористиме со цел забрзување на реформите и приближување на Република Северна Македонија до полноправно членство во Унијата“, посочи Маричиќ.
На конференцијата учествуваа еминентни научни работници од академската заедница на земјата (академици, професори од државните и приватните универзитети, од научните институти и од други домашни научни и стручни институции), дел од владините експерти кои активно ќе партиципираат во преговорите со ЕУ и др. Презентираните трудови се со акцент на предизвиците, предностите, ризиците и компаративните искуства поврзани со зачленувањето на нашата земја во Европската Унија.